На 31 август 2010 година, Барак Обама прогласи крај на директната воена инвазија на Ирак, започната во 2003 година од неговиот претходник Буш а темелена на нешто што ќе се покаже како фалсификат наводи за поседување хемиско оружје од страна на Садам Хусеин.
Минатиот декември пак, премиерот Хајдар Абади прогласи „конечна победа“, откако неговите сили, заедно со курдските борци и шиитската милиција, помогнати со американските воздушни удари и нивните „експерти“ на терен ги исфрлија Исис од поголемите ирачки градови.
Во врвот на нивната моќ во 2014 година, Исис контролираа поголем дел од територијата околу ирачко-сириската граница.
Американски воени извори тврдат дека денес се протерани од 98% од територијата која некогаш ја контролираа. Проблем е само што, наспроти милијардите долари дадени за ирачка безбедност и јакнење на нивните институции, Исис без поголеми проблеми се има прегрупирано во централен Ирак, каде ја спроведуваат истата герилска тактика со која претходно беа освојувани териториите.
„Исис никогаш не замина никаде. Сè уште е тоа стариот Исис 1.0. Секаде каде што ќе изгубат територија, веднаш се трансформираат во востаници“, вели Мајкл Најтс, експерт за Ирак од Вашингтонскиот институт.

Тој добро ги познава буните и пресвртите во Ирак и вели дека добар индикатор за тоа колку Исис навистина е или ќе биде влијателен во некоја област е податокот колку селски главешини (моктари) имаат убиено (го прават тоа главно ноќе) во некоја област. А последниве 6 месеци во просек убиваат по 3,5 старешини неделно. Тоа значи дека за една година, 186 ирачки села ќе бидат обезглавени, односно ќе останат без своите влијателни локални авторитети. Екстраполирајте ја таа бројка до 2020-та година и се добиваат 500 села.
„Оваа нивна тактика води кон комплетна недоверба на селаните во секуларните сили. Од страв престануваат да соработуваат со нив, престануваат да даваат информации за Исис и со текот на времето младите во тие села почнуваат да гледаат на Исис како на најјаки. на тој начин започнува нов регрутен бран на организацијата,“ објаснува Најтс.
