И покрај царините од Трамп, кинескиот извоз урива рекорди

Трамп мислеше дека со високи царини ќе ја зафркне Кина и ќе ја крене американската индустрија, ама експертите во Пекинг подготвиле добра одбранбена стратегија. Извозот на кинески производи во САД паднал за 20%, но со навремено пренасочување на трговијата кон други пазари Кина лани остварила рекорден суфицит од речиси 1.200 милијарди долари. 

Конечниот биланс за 2025 година покажува дека Кина го зголемила својот извоз за 5,5% на вкупно 3.770 милијарди долари. Увозот во исто време останал на 2.580 милијарди. Тоа придонело за историски рекорден суфицит од 1.189 милијарди долари. Плусот од илјада милијарди во разликата бил надминат веќе во ноември. Во седум месеци извозот бил за 100 милијарди долари повисок од увозот.

Постигнатиот раст ги надминал најоптимистичките прогнозите за повеќе од 1%, што е огромно постигнување ако се има предвид обемот на кинеското производство. Економски експерти анкетирани од Ројтерс очекувале раст на извозот од 3%.

Импулсот за раст на глобалната трговија се чини дека не е доволен, а надворешното опкружување за развој на надворешната трговија на Кина останува сериозно и комплексно. Сепак, со наоѓање разновидни трговски партнери, способноста на Кина да се спротивстави на ризиците е значително подобрена. Основните фактори за надворешна трговија остануваат солидни, изјави Ванг Џун, заменик-министер во царинската управа на Кина.

Царините од Трамп придонеле за намалување на извозот на кинеските производи во САД за околу 20%. Претседателите во октомври прогласија „едногодишно примирје“ во трговската војна, но актуелните американски царини од 47,5% за кинески стоки се далеку над нивото од приближно 35%, кое би овозможило профит за кинеските фирми да продаваат стоки во САД.

За да компензираат за зголемените царини за извоз во САД, кинеските фирми во изминатата година го префрлија својот фокус кон партнери од Југоисточна Азија, Африка и Латинска Америка. Извозот во Африка се зголемил за 26%, во Југоисточна Азија за 13%, во Европската Унија за 8% и во Латинска Америка за 7%.

Економистите очекуваат Кина во текот на оваа година да продолжи да го зголемува учеството во глобалната трговија. Кон тоа наведуваат отворање фабрики на кинески компании во земји на кои Трамп им наметна пониски царини. Се очекуваат и зголемени приходи поради силната побарувачка во светот за чипови од постари генерации и за електронски уреди.

Извозот најсилно го движи индустријата на електронски уреди и автомобили. Кина лани продала во странство 7 милиони возила, што е за 21% повеќе отколку претходната година. Извозот на електрични возила се зголемил за дури 48,8%. Откако во 2023 година ја надмина Јапонија, Кина веројатно ќе остане водечки извозник на коли. Зголемен бил извозот на жита и ѓубрива, но се намалил на мебел и на обувки.

Премиерот Ли Кечијанг признава дека Кина мора да го зголеми увозот и домашната потрошувачка за да го одржи економскиот раст. 

14 јануари 2026 - 11:41