Лидерот на бунтoвниците од Јужен Судан, Риек Мачар, положи заклетва како вице-претседател на земјата влегувајќи во широката коалиција која ја предводи претседателот Салва Кир.
Мачар неодамна се врати во земјата која ја напушти пред нешто повеќе од две години откако беше сменет од истата позиција и обвинет дека подготвувал државен удар. Непријателствата меѓу Мачар и Кир и нивните приврзеници започнаа со "око за око" убиства кои подоцна прераснаа во општ конфликт кој ја подели нацијата.
2,2 милиони бездомни луѓе и десетици илјади мрти подоцна, Мачар и Кир на церемонијата на положување заклетва неколкупати се ословија како браќа и обајцата зборуваа за потребата од помирување и обвнова на земјата.
Договорот беше постигнат со меѓународно медијаторство а наредните денови треба да се формира и Влада на национално единство, по што - во теорија - треба да почнат да стигнуваат странските пари за обвнова без кои тешко дека било каков мир ќе може да се одржи со оглед на тоа што економијата и инфраструктурата на земјата се колабирани.
Јужен Судан е најмладата држава на светот која се одвои од Судан и прогласи независност во 2011 година заради кавги околу нафтата и приходите од неа. Таа ја има една од најнеразвиените економии на континентот и е високо зависна од производството на нафта.
"Целосно сум посветен на спроведувањето на договорот за да може процесот на заздравување на земјата да почне што побргу", државнички мудро ќе рече Мачар.
"Уверен сум дека ова означува крај на војната и враќање на мирот и стабилноста во Јужен Судан," државнички мудро ќе додаде Кир.
После две години војна, 2,2 милиони луѓе останати без кров над глава, десетици илјади мртви....