Стотици Палестинци во Газа умираа од глад поради израелската блокада, но страдале и од суровите настојувања на Хамас да ја продлабочи кризата за да изврши дипломатски притисок врз Израел.
Палестинскиот активист и истражувач Ахмед Фуад Алхатиб, член на Атлантскиот совет во САД, објави снимки на кои се гледаат тони пакети со храна за бебиња фрлени на куп во магацин на локалното Министерство за здравство.
Документирани се низа слични случаи. Во деновите на најголемата криза со храна во Газа во изминатите шест месеци, Хамас намерно криел тони храна за бебиња и нутритивни чаеви. Целта му била да ја продлабочи што е можно повеќе кризата и да поттикне хуманитарна катастрофа, што би го зголемила дипломатскиот притисок врз Израел да ја прекине војната, тврди Алхатиб.
Израел во март годинава целосно го прекина доставувањето хуманитарна помош за Појасот Газа, со образложение дека таа завршува кај терористите. Во април беа отворени центри на Хуманитарната фондација за Газа (GHF), поддржана од САД, кои се покажаа како катастрофално лошо решение. Гладни Палестинци ги напаѓаа камионите со помош и стотици беа убиени при интервенциите за да воспостави ред. Хамас и израелските сили, кои одржуваа надворешен прстен на безбедност, меѓусебно се обвинуваа кој пукал врз цивилите.
Кога кризата со глад се влоши во текот на летото, Израел попушти под меѓународниот притисок и дозволи повеќе камиони со помош да влегуваат во Газа.
Алхатиб вели дека активистите што гласно предупредувале на суровите постапки на Хамас кон сопствениот народ биле демонизирани, напаѓани и загрозени од „пропалестинскиот индустриски комплекс и активистичките мафии“, иако доказите биле очигледни.
Оние на Запад никако да разберат дека не може да им се дава поддршка на Палестинците без сериозно да се предупредува на континуираната манипулација на меѓународното јавно мислење од страна на Хамас. За страдањето на цивилите во Газа придонесоа и постапките на терористичката група, додава активистот.