Го гасат светлото во соларната централа од 2,2 милијарди долари

Проектот со кој Обама сакаше да ги промовира САД во глобален лидер во битката против фосилните горива, сега стана пример на расипничко трошење на пари од даночни обврзници. Сончевата централа Ајванпах, не само што не ја направи Калифорнија независна од фосилни горива, не можела да ги задоволи ни сопствените енергетски потреби, па трошела гас за да остане во погон.

Со три високи кули и огромна површина огледала, кои компјутери автоматски ги насочуваат кон Сонцето, футуристичката централа Ајванпах во калифорниската пустина своевремено беше најголемата соларна електрана во светот.

За изградбата од 2010 до 2014 година беа потрошени 2,2 милијарди долари. Владата го обезбеди поголемиот дел од средствата. Во 2011 година Министерството за енергетика на САД под претседателот Барак Обама одобри кредит од 1,6 милијарда долари во три федерални гаранции за авангардниот проект.

Ајванпах ќе замине во пензија по само 12 години. Ќе биде затворена во 2026 година затоа што не е ефикасна. 

Ајванпах е доказ за расипништвото и неефикасноста на владино субвенционираните енергетски шеми. Никогаш не ги исполни своите ветувања. Произведува помалку енергија од очекуваното, па дури и се потпираше на струја од природен гас за да остане оперативна, изјави Џејсон Исак, извршен директор на Американскиот енергетски институт.

Вкупно 173.500 хелиостати покриваат површина од 13 квадратни километри од пустината стотина километри југозападно од Лас Вегас. Компјутеризираните механизми ги придвижуваат огледалата да ги рефлектираат сончевите зраци кон врвовите на двете високи кули, создавајќи температури и до 1.000 Целзиусови степени. Топлината загрева флуид, кој испарува и со голема брзина задвижува парна турбина. 

Пред една деценија, тоа беше револуционерна технологија за генерирање струја. Но, како што се развиваше пазарот, Ајванпах не можеше да се натпреварува со поновите и поевтини системи за генерирање енергија од Сонцето. 

Тоа е веќе застарена технологија, надмината од фотоволтаиците. Едноставно не се прошири, објаснува Едвард Смелоф, консултант за алтернативна енергија.

Тексашката компанија NRG Energy признава дека попусто вложила 300 милиони долари во проектот

Кога беа потпишани договорите за купување енергија во 2009 година, цените беа конкурентни, но напредокот со текот на времето доведе до поефикасни, поисплатливи и пофлексибилни опции за производство на сигурна чиста енергија, соопшти компанијата.

Во своето кратко постоење, Ајванпах се истакна како смртоносна за дивиот свет. Според Здружението на птичји ветеринари, се верува дека рефлектираните сончеви зраци пржат по најмалку 6.000 птици секоја година.

******
Види и: Зелената агенда пржи многу пари и премногу птици

29 септември 2025 - 12:46