Зелената агенда пржи многу пари и премногу птици

Кој порано, кој подоцна, осудени на смрт се сите енергетски проекти што не се рентабилни, а добиваат големи субвенции само поради тоа што се „зелени“. Инвеститори се откажуваат од американски проекти за генерирање струја од ветер и сонце, на задоволство на домаќинствата и бизнисите, чии сметки нема да поскапат до 15 отсто. И на уште поголемо задоволство на птиците.

Стотици илјади птици ги положија своите животи на „олтарот на зелената технологија“ пред да загине нивниот крвник - соларната електрана Ајванпах во Калифорнија.

Соларниот систем за генерирање струја Ајванпах го опишуваат како џелат на дивеч. Да бил барем исплатлив. Ни тоа.

Споменикот на зелените заблуди од ерата на Обама конечно се соочи со изумирање. Од 2014 година се пишуваше за калифорниската соларна електрана што пржи птици, проект со пари од даночни обврзници што беше пекол за околните животни. Се покажа дека бил пекол и за корисниците на струја. Но, со толку многу политички фаворизирани зелени проекти, чекањето да се прифати неуспехот се чини како цела вечност, потсетува весникот „Волстрит џурнал“.

Првиот клинец во ковчегот на живиот мртовец го закова електродистрибуцијата „Пацифик гас енд електрик“, која објави дека повеќе нема да купува струја од Ајванпах. Тоа значи гаснење на две кули од соларната централа идната година. Кога и да е, ќе биде изгасната и третата, откако и „Едисон“ најави крај на договорот.

Централата просто била премногу убиствена.

Федералните служби за дивеч своевремено предупредуваа дека Ајванпах ќе биде мегастапица за дивите животни, со блескавата светлина што привлекува инсекти, а со нив и птици што се хранат со мушички, летајќи кон смрт. Премногу птици паднаа како жртви на концентрираните сончеви зраци од централата, пишува журналот „Ривју“ од Лас Вегас.

Не мора да се биде доктор по математика за да се пресмета дека во вообичаени временски услови и сончеви часови, централата што пржи по една птица на секои две минути им пресудила на горе-долу 1,3 милиони птици во изминатите десет години. А, згора на сè, никогаш не била профитабилна, дури ни со субвенциите.

Еко-дарежливоста од владата не била доволна ни за да го пишмани „Шел“ во одлуката да се повлече од проект со ветерници во Џерзи. Енергетскиот гигант прифатил да плати отштета од 1 милијарда долари, наместо да доврши ветерна централа од 2.800 мегавати. 

На задоволство на сите.

Ревизија покажала дека струјата генерирана од неа би чинела три пати повеќе од пазарната цена, што би ги зголемило сметките за домаќинствата за 11 отсто, а за бизнисите до 15 отсто. Ако централата биде изградена и вклучена во мрежата, нејзината неефикасност би чинела 48 милијарди долари во оперативниот век.

Кога сме веќе кај ветерниците, тие не само што се еднакво неефикасни, туку се можеби и помасовни убијци на птици од соларните колектори. Агенцијата за заштита на птици проценува дека секоја година турбините касапат по 538.000 диви птици, особено грабливки како златните орли или ноќни преселници.

Скептиците дофрлаат: мачките секоја година убиваат по 2,4 милијарди птици, па и автомобилите газат по 200 милиони. Но, тоа не го намалува гревот на колекторите и на турбините: Колку златни орли биле изедени од мачки или прегазени од автомобили?

Најбитна за Американците, сепак, е економската реалност. Ниту еден од овие проекти не носел профит, дури ни со субвенции. Да беше поинаку, лесно ќе се прежалеа птиците.

19 февруари 2025 - 11:50