Германија заработи милијарди од грчката криза

Од почетокот на финансиската криза во Грција, Берлин беше еден од главните кредитори на најзадолжената членка на во Унијата, а пари не се даваат за џабе.

Германската влада по парламентарно прашање од Зелената партија објави дека Германија од 2010 до сега заработила 2,9 милијарди евра во камати од грчките обврзници.

Како дел од договорот со ЕУ Германија од 2010 купува грчки владини обврзници кои за возврат треба да ја финансираат грчката економија. Обврзниците се купени од Бундесбанк и префрлени на државниот трезор.

Првичниот договор со Атина е дека сите камати заработени од грчките обврзници ќе и бидат уплатени на Грција по исполнување на реформите од грчка страна.

Ама...

Бројките објавени од владата покажуваат дека Германија заработила 3,4 милијарди евра од камати од обврзниците, а од овие пари на Грција и уплатила 527 милиони евра во 2013 и 387 милиони евра во 2014. По ова Германија останува со камата од околу 2,5 милијарди евра. Разликата до 2,9 милијарди ја пополнува каматата од 400 милиони евра од позајмицата за Грција од КФВ, германската банка за развој.

„Наспроти сите митови што ги шират луѓето од десницата, Германија масовно профитирала од кризата во Грција.

Не може да се дозволи владата да профитира милијарди евра од грчкиот долг и парите да ги става во германскиот буџет,“ изјавил пратеник на Зелената партија.

21 јуни 2018 - 15:07