Норвешката државна компанија Equinor за вториот квартал објави биланс од 77% поголем профит, на само 3% зголемено производство на гас. Прилагодениот оперативен приход на Equinor за периодот од април до јуни изнесуваше 11,48 милијарди долари, наспроти 6,5 милијарди долари во истиот квартал од претходната година. Реалниот проток на пари е уште подраматичен - од 2,48 милијарди на 9,47 милијарди долари.
Главниот фактор што доведува до оваа разлика е војната во Персискиот Залив, која ја крена цената на нафтата. Лани барелот нафта се продаваше за 60 до 70 долари. Откако САД ја почнаа војната против Иран, преку Ормускиот проток не можеше да помине ниту еден танкер, па барелот скокна на над 100 долари. И сега е на тоа ниво, откако јеменските бунтовници го блокираа и протокот Баб ел Мандеб кон Црвено Море.
Од овие скокови на цената најмногу страда Европа, особено индустријата на Германија, прилагодена на евтиниот гас што го добиваше од Русија. Equinor објави дека заработил 32% повеќе од испорака на гас низ Европа во споредба со претходната година, а 55% повеќе за нафтата. Германија во 2025 година добивала од Норвешка 44% од вкупното количество увезен гас. Следуваат Холандија со 24% и Белгија со 21%.

Equinor ѝ испорачува гас на Германија уште од 1977 година. Во 2023 година потпиша договор со државната трговска компанија SEFE за испорака на 10 милијарди кубни метри гас годишно, кој важи до 2034 година. Норвешки гас купуваат и операторите RWE и Lichtblick.
Во 2020 година, увезениот гас чинеше околу 12 евра за мегават-час. Во тоа време, најголемиот дел доаѓаше од Русија. Европската пазарна цена деновиве изнесуваше нешто повеќе од 60 евра. Пред почетокот на војната во Персискиот Залив, таа изнесуваше околу 31 евро.
Ова не е дополнителна цена што ја наплаќа Норвешка. Equinor продава по истите пазарни цени како и сите други. Разликата се должи на две други причини. Старите руски договори беа поевтини од пазарната цена. Освен тоа, Европа сега купува течен природен гас на глобалниот пазар, кој реагира на секое нарушување во регионот на Персискиот Залив.
Потрошувачите чувствуваат само дел од ова поскапување, бидејќи мрежните трошоци, даноците и давачките сочинуваат приближно половина од сметката. Според Германското здружение на енергетската и водоводната индустрија (BDEW), домаќинствата во јануари плаќале во просек по 11,10 центи за киловат-час. Пред кризата, таа бројка изнесувала меѓу 5 и 6 центи.
Згора на се, Германија нема краткорочна алтернатива. Гасоводите од Норвешка работат со полн капацитет, без оглед на цената.