
По маратонски преговори во Париз, претседателот Емануел Макрон прогласи „историски“ договор - територијата Нова Каледонија оддалечена 17.000 километри од францускиот брег ќе биде впишана како Држава во Уставот на Франција.
Жителите ќе имаат националност Новокаледонци, но ќе може да го задржат и француското државјанство. Државата ќе може да биде признаена од меѓународната заедница, но нема да може да биде примена како нова членка во Обединетите нации. Поставена е рамка локалниот Конгрес во било кое време да побара и со мнозинство од три петтини да усвои ново име, химна, државни симболи и валута и да преземе суверени овластувања врз одбраната, одржувањето јавен ред, правосудството и меѓународните односи.
Ова не е подарок од Елисејската палата. Домородниот народ Канаки лани во мај излезе на масовни и насилни протести во кои загинаа 14 луѓе. Причина за бунтот беше одлуката на Париз да им даде право на глас и на новонаселените жители, претежно испратени од Франција, и преку нив целосно да ја контролира власта.
Колонијалистите се убедени дека документот ќе ги задоволи желбите на Канаките да владејат, но и дека територијата уште долго ќе остане француска, односно ќе му даде право на Париз да го експлоатира огромното рудно богатство. Се претпоставува дека пацифичката земја ги има најголемите резерви на никел во светот.
Потпишано е. Направивме отстапки. Нова Каледонија ќе добие поголема автономија, но нејзиниот статус ќе остане во рамките на Франција, изјави пратеникот Николас Мецдорф од блокот што се противи на независноста.
Со новиот договор, правото на глас се стекнува со континуирано жителство на островот од најмалку 10 години. Следниот чекор кон целосна независност е одржување референдум, веројатно во февруари 2026 година. На претходните три, во 2018, 2020 и 2021 година, мнозинството се изјасни за останување во Франција, но тие референдуми беа спроведени врз основа на оспорениот електорат.
Договорот ќе ни помогне да излеземе од спиралата на насилство и да тргнеме заедно, а не поделени, по тешкиот пат што е пред нас, рече Емануел Џибау, пратеник од Канак кој учествуваше во разговорите.
Се очекува договорот да придонесе и за политичко и за економско закрепнување. Немирите лани предизвикаа штета од 2 милијарди евра, што е 10% од бруто-домашниот производ.
Франција го колонизираше пацифичкиот архипелаг во 1850-тите години и тој по Втората светска војна имаше статус на прекуокеанска територија. На сите Канаки во 1957 година им беше дадено француско државјанство.
******
Види и: Империјата на Макрон се распаѓа