Политичари, проминентни интелектуалци и академци изразуваат загриженост од „излезеното од контрола левичарење и кансел културата“ која доаѓа од САД и според нив, го загрозува францускиот идентитет и француското наследство.
Интелектуалците кои сметаат дека Франција е контаминирана од увозното американско левичарење дополнително се охрабрија откако од нивна страна застана и францускиот претседател Макрон кој предупреди на некои социјални теории кои комплетно се увезени од САД и порача дека е погрешно интелектуалната дебата да им се препушта на други субјекти. И неговиот министер за образование оцени дека престои борба против интелектуалните матрици кои доаѓаат од американските универзитети.
Дебатата се разгоре откако директорот на париската опера, Александар Нееф, издаде извештај на 66 страници за потребата од поголема диверзификација и инклузивност, прашање кое минатото лето го покренаа 5 црни балетани од операта со писмо кое циркулираше меѓу 1.800-те колеги. Француската десница мисли дека Нееф комплетно се американизирал за време на неговиот 10 годишен работен престој во Торонто.
Некои француски интелектуалци сметаат дека модата од американските кампуси е виновна што во последно време расата станува доминантна тема и во Франција но и за тоа што некои кругови имаат преблаг став кон насилствата од исламскиот фундаментализам.
„Расата е булдожер со кој ќе се срушат сите други важни општествени прашања,“ сметаат социолозите Стефан Бо и Жерар Ноирие.
Од друга страна, ваквата чувствителност околу француските вредности и стравот од американизирање на јавниот простор, за некои кругови е само индиција дека француската република не успева да се прилагоди на новите времиња и станува мала и провинцијална.