
Луси Коноли, 41-годишна дадилка од Англија, е во затвор речиси една година поради порака што ја објавила на X. Кога минатиот јули се проширила веста дека азилант вооружен со нож убил три девојчиња на возраст од 6, 7 и 9 години во Саутпорт, Коноли испратила гневна порака до своите 6.000 следбеници.
„Масовна депортација сега. Запалете ги сите ебани хотели полни со гадови, не ми е гајле. Додека сте тука, земете ја предавничката влада и политичарите со нив. Се чувствувам физички лошо знаејќи што ќе мора да трпат овие семејства сега. Ако тоа ме прави расист, нека биде така.“
Се покажало дека напаѓачот бил Британец со потекло од Руанда. Коноли брзо ја избришала пораката, но веќе била ретвитната 940 пати. Ја обвиниле за разгорување расна омраза и ја казниле 31 месец затвор, подолго од многумина учесници во насилните улични немири поттикнати од убиството во Саутпорт.
За еден твит Луси доби повеќе време во затвор отколку што добиваат некои педофили и семејни насилници, коментира нејзиниот сопруг.
Овој случај отвори дебата за слободата на говорот во Британија и пошироко низ Европа. Европската конвенција за човекови права наведува дека „секој има право на слобода на изразување“, но и дека „постојат услови, ограничувања или казни“. Поттикнувањето насилство е забрането и во САД, но само ако има повик за специфичен и непосреден чин, а не за она што разумен набљудувач би го сметал за хипербола.
Германски новинар доби седум месеци затвор за монтажа како министерот за внатрешни работи држи парола: „Ја мразам слободата на мислење“. Жена што објави слики на политичари со хитлерски мустаќи е казнета со 690 долари. Французинка беше 23 часа во притвор зашто му покажала среден прст на претседателот Макрон. Данска воведе закон против „несоодветен третман“ на религиозни текстови по серијата јавни палења на Куранот. Отворена е кривична истрага за британското дуо Боб Вилан поради скандирања „Смрт, смрт за Израелските одбранбени сили“ на музичкиот фестивал во Гластонбери.
“Bob Vylan’s career is over”
— Tiberius (@ecomarxi) July 4, 2025
Meanwhile 🔊 pic.twitter.com/oOLJsCgmEm
Не сме за смрт на која било група луѓе, туку за демонтирање на насилна воена машина, објави бендот.
Европските и американските ставови за слободата на говорот се разликуваат од 1960-тите, кога Врховниот суд на САД донесе низа значајни пресуди во одбрана на слободата на говорот. Европејците, во меѓувреме, настојуваа да го ограничат екстремистичкото изразување.
Американците ја гледаа нацистичка Германија како место кое го потиснува говорот. Европејците ја гледаа како место што го употреби говорот на начин што заврши со геноцид, вели Ерик Хајнце, професор по право на Универзитетот Квин Мери во Лондон.
Слободниот говор особено е на удар во Британија. Во 2023 година имало 12.183 апсења (во просек 33 дневно) според законите што забрануваат „груби навреди“ или споделување „непристојна и заканувачка содржина“. Луѓе се пријавуваат за жртви на омраза без да обезбедат докази. Во некои случаи се отвора полициско досие за сторителот, што може да влијае за вработување или виза.
Системот ѝ дозволува на полицијата да им каже на подносителите на жалби дека „нешто се презема“. Тоа сериозно ја задушува слободата на говорот, вели Ендрју Тетенборн од Универзитетот Свонси.