Европа полна „жолти комбиња“

Последниве години се одвивало масовно прислушување на Европјани. Неовластено се собирале и чувале лични податоци од полициски извештаи, мобилни комуникации и досиеја на лица кои бараат азил. Се работи за огромна количина податоци, еквивалентна на четири петабајти или три милиони ЦД-ромови.

По незаконитоста и количината на прибраните информации, скандалот е споредлив со оној во кој беше вплеткана американската Национална агенција за безбедност која ја раскринка Едвард Сноуден.

До сознанијата дојде Европскиот супервизор за заштита на податоците (ЕДПС) кој на европската полициска агенција Европол ѝ даде рок од една година да ги уништи податоците.

Супервизорот уште во 2019 го предупредил Европол дека незаконски чува лични податоци а година дена подоцна и јавно го прозва. Европол почна да одолговлекува надевајќи се на нова европска легислатива која ќе им овозможи ретроактивно да го легализираат собирањето информации.

И навистина, Европската комисија лани предложи закон со кој би се прошириле овластувањата на Европол, меѓу другото и за собирање податоци кои би се користеле за развој на алатки за вештачка интелигенција.

Откако ЕДПС не даде зелено светло за програмата за машинско учење која Европол ја развива од 2020 година, агенцијата порача дека привремено го запира развојот на овој програм. За недолго потоа, да почне со регрутација на експерти за вештачка интелигенција.

 

16 јануари 2022 - 07:59