Европа победи на изборите во Молдавија

Проевропската партија ПАС победи на парламентарните избори во Молдавија, кои беа оценети како клучен тест дали поранешната советска република со 2,4 милиони жители ќе продолжи се движи кон Брисел или кон Москва. Русија беше обвинета дека се меша во изборите, но и другата страна објави многу аргументи што ја оспоруваат легитимноста на изборите.

Партијата Акција и солидарност (ПАС) на претседателката Маја Санду освои 50,3% од гласовите, што ѝ даваат 55 од вкупно 101 место во Парламентот. Блокот партии што бараа поблиски односи со Русија освои 24,26% од гласовите, односно 26 места.

Стабилното мнозинство ѝ овозможува на владата да продолжи со напорите за да обезбеди членство во Европската Унија веќе во 2030 година, како што најавува ПАС.

Во кампањата изборите беа претставени како најважен момент во земјата по раздружувањето од Советскиот Сојуз во 1991 година. Проевропскиот блок, со поддршка од Брисел, тврдеше дека Русија настојува со масовно ширење дезинформации и купување гласови да изврши влијание врз гласачите. Станислав Секриеру, советникот за национална безбедност на Санду, рече дека изборната инфраструктура и владините веб-страници биле под кибернапад и дека лажни закани со бомби биле испратени на гласачки места во Молдавија и во странство.

Наметнувањето на „геостратегиската димензија“ на изборите ги фрли во сенка реалните проблеми на Молдавците. Како „ширење дезинформации“ беа отфрлани предупредувањата од опозицијата на чело со Патриотскиот блок - економските тешкотии и бавното темпо на реформите, инфлацијата од 7% и поскапувањето на увезената енергија. ПАС најавуваше дека сите тие проблеми ќе се решат со членството во ЕУ.

Сето тоа придонесе односот на поддршката да отксокне од 1:1 во анкетите пред изборите на 2:1 во резултатите. 

Кремљ категорично тврди дека не се мешал во кампањата, а руски извори ја оспоруваат легитимноста на изборите поради мешање на Брисел. Еве ги нивните аргументи:

  • Молдавската изборна комисија забранила пристап на 120 набљудувачи од 50 земји, вклучувајќи ги и руските експерти номинирани во официјалната мисија на ОБСЕ, првпат на европски избори;
  • Само два ден пред гласањето беа забранети две партии – Срцето на Молдавија и Голема Молдавија, поради сомневања за перење пари и нелегално финансирање на кампањата;
  • Против лидери на неколку партии, вклучувајќи го и поранешниот претседател Игор Додон, се отворени истражни постапки поради злоупотреба на функциите и корупција;
  • Во автономниот регион Транснистрија, каде што е концентрирано руското население, биле отворени само 12 гласачки места, на територија што е под контрола на централните власти;
  • За Молдавците во дијаспората биле отворени 300 гласачки места – 73 во Италија и само 2 во Русија, иако двете земји имаат речиси ист број Молдавски државјани.

Згора на ова, основачот на платформата Телеграм, Павел Дуров, го обвини француското разузнавање дека барало од него да цензурира одредени политички ставови поврзани со Молдавија за време на последните избори. 

29 септември 2025 - 09:35