Макрон објави ново заклучување на земјата кое ќе трае до 1 декември и предупреди дека новиот бран зарази веројатно е „посмртоносен од првиот“. Во Белгија, каде ковид се шири побрзо отколку во која било европска држава премиерот Де Кру повика „тимот од 11 милиони Белгијци“ да се стегне и да ги следи построгите правила. Италијанскиот премиер повика на национално единство и да се почитуваат новите мерки во ноември „за епидемиолошката крива да се држи под контрола“.
Освен што луѓето низ Европа сега се шест месеци поискусни во преживување на пандемијата, тие се сериозно гневни затоа што добар дел од финансиската помош никогаш не се оствари, системите за следење контакти кои требаа да бидат носечкиот столб на целата борба против пандемијата не можат да се носат со својата задача, а моменталните бројки прават паниката и стравот од март и април да изгледаат како далечно мирно и стабилно минато.
Гардијан зборува со бербер од Неапол, Пино Еспосито, кој предводи кампања на група мали бизниси кои се против новите рестрикции.
„Протестираме затоа што сите европски влади, вклучително и нашата, се најдоа себе си неподготвени за вториот бран. Од март тие најавуваат дека во октомври или ноември ќе дојде вториот бран и тој ќе биде уште посериозен.
Меѓутоа ништо не беше подготвено за нашите училишта, здравствениот систем, работните места или за давање субвенции. А финансиската поддршка што ја ветија ја нема за да може да ја побараме. Меѓутоа фирмите мораат да ја добијат ако треба пак да затвориме, а на вработените веднаш им треба финансиска помош,“ објаснува Еспосито.
Во исто време, и не како дел од кампањата на Еспосито, во Фиренца демонстранти фрлаа со молотови коктели по полицијата како дел од протестите против новите рестрикции.
СЗО неодамна објави извештај според кој постои општо раширена апатија и се помала мотивација за следење на насоките и советите за јавно здравје.
„Емоционалниот товар од ковид-19 е надополнет со растечката скептичност околу капацитетот на владите да се справат со кризата која ги уништува приходите за живот на луѓето и е закана за нивното здравје,“ пишува Џулијан Коман во Опсервер.
Ништо пооптимист не е ни претседателката на Европската централна банка, Лагард, според која економското закрепнување на континентот за време на летото беше „нерамномерно, несигурно и нецелосно“, а како што дојде вториот бран „тоа сега е во ризик да биде прекинато“.
На терен протести против новите мерки и рестрикции меѓу другите има во Милано, Манчестер, Марсеј, Мадрид, Неапол, Торино, Берлин и сите со различен интензитет.
„Мислам дека ова е само почетокот. Кај првиот национален карантин, Италијанците беа обединети околу идејата дека ова е комплетно непозната закана; ситуација со која секоја влада би имала проблем да се справи.
Сега тие се чувствуваат измамени.
Им беше кажано дека работите одат на добро, дека победуваме. Меѓутоа нивните заштеди се потрошени, гледаат проблеми со системот за тестирање кој не работи, а има конфузија и несогласување и меѓу научниците. Некои луѓе почнаа да губат доверба дека институциите можат да ги спасат.
Ќе има немири низ цела Европа. Ќе се случуваат на најразлични начини и заради различни катализатори, но ќе се случат затоа што центарот повеќе не држи. Ние сме многу далеку од расположението во март кога сите бевме на став 'мора да ги следиме правилата и да се заштитиме себе си или ќе не нема'. Сега луѓето се на памет - секако ќе ме нема ако не можам економски да преживеам,“ објаснува италијанскиот новинар и автор на Гомора, Роберто Савиано.
Сличен песимизам има и авторот Кристоф Гилуи чии книги ги обработуваат растечките општествени поделби меѓу провинциска и градска Франција. Уште летоска локалните лидери од Марсеј се жалеа на ноќното ограничување на времето што ти ги чувствуваат дека им се наметнати од Париз, без никакви консултации. Новите рестрикции од Макрон според Гилуи веќе создаваат нови поделби, бидејќи тие што можат веќе се имаат изолирано од најлошото што следува. Така во четвртокот вечерта се појавија видеа од сообраќајниот метеж од Парижани кои се обидуваат да го напуштат главниот град и да стигнат до своите викендици пред полицискиот час во 21.00.
„Парижаните кои веќе заминаа кон своите викендици претставуваат ризик дека ќе ги заразат жителите во провинциските и рурални области. Тие беа многу лошо дочекани.
Нееднаквостите меѓу класите и регионите само беа нагласени од пандемијата. Реалноста е дека социјалните и културолошки тензии ретко кога биле толку акутни во Франција, меѓутоа политичката класа се обидува да ги маскира повикувајќи на републиканско единство,“ објаснува Гилуи.
Деновиве се очекува дека и Британија ќе воведе второ заклучување, а според германскиот министер за финансии „ноември ќе биде месецот на вистината во борбата против вториот бран на ковид-19.“
Во колумна за Ла Стампа, филозофот и поранешниот градоначалник на Венеција, Масимо Качари, пишува: „Здравствената криза беше надополнета со социјална криза... која создава разлики во приходите и услови за живот кои се комплетно некомпатибилни со она што се подразбира под 'демократија'. Свесни ли сме за ова? До сега, мислам дека не. Меѓутоа немаме време за губење.“