Натегањето меѓу западната алијанса, за среќа на Украина, заврши со дозвола за испорака на очајно потребните тенкови за украинската армија, а можеше да заврши со трајна поделба на НАТО алијансата сред војна.
На Украина тенковите и требаат за спроведување на се поверојатната пролетна офанзива, за која со месеци се подготвува и Русија, која веќе има стотици илјади нови обучени резервисти.
„Државата со тенкови кои најмногу и одговараат на Украина е Германија, која ги има снабдено Леопард 2 тенкови на своите сојузници кои инсистираа на нејзина дозвола за истите да и ги испратат на Украина.
Меѓутоа Германија, чија историја од Втората светска војна се уште многу и тежи, не сакаше да се претстави себе како главен снабдувач на Украина и дополнително да го влоши својот однос со Русија.
За разлика од САД, Франција, Британија и Русија, таа не е нуклеарна сила и нема никакви независни средства за одбивање. Германија инсистираше дека американска испорака на тенкови ќе и обезбеди поголема заштита против гневната Русија.
Пентагон препорача да не се испраќаат Абрамс тенковите, кои се посебно тешки за одржување и за логистика - што се идентичните фактори кои помогнаа да се запре рускиот оклопен напад на Киев во март минатата година. Во напнати преговори со Вашингтон, Олаф Шолц, бараше САД да испрати Абрамс тенкови како закрила за нивното испраќање на Леопард 2. Безизлезната ситуација беше надмината кога Бајден реши спротивно од препораката на Пентагон и нареди испраќање на Абрамс тенковите, информирајќи ја Германија дека тие ќе бидат пратени за неколку месеци.
Германија одговори со соопштение дека два баталјони Леопарди, речиси 100 тенкови, ќе и бидат испратени на Украина во рок од три месеци, и тоа од сопствената залиха и од залихата на сојузници како Полска. Објавата ги поттикна функционери на држави како Финска, Холандија и Шпанија да објават дека и тие ќе испратат тенкови во Украина. Обуката на украински тенковски екипажи речиси веднаш ќе започне во Германија.
Оваа епизода уште еднаш ја покажа зависноста на Европа од американската помош за Украина во борбата против Русија и нејзината ранливост на променливоста на американската домашна политика. Британската влада месецов одлучи да испрати Челенџер 2 тенкови и дополнителна артилерија во Украина за да ги охрабри европските сојузници да ја зголемат својата поддршка за Киев, делумно и од загриженост дека Бајден нема да може да ја одржи двопартиската поддршка за испраќањето милијарди долари помош на Украина.
Европските сојузници ја гледаат Германија, најголемата економија, како витална во олеснување на својата зависност од Вашингтон. Конфликтот во Украина го покажа неуспехот на континентот да го создаде она што Макрон го нарекува 'стратешка автономија' и покрај паниката што следуваше кога Трамп се закани дека ќе се повлече од НАТО,“ пишува Кетрин Филип во анализата за британски Тајмс.