Европа ја потпира на ветер својата енергетска независност

„Оние што имаат ветерници се губитници“ ѝ порача Доналд Трамп на Европа на самитот во Давос. Како за инает, или за да му ја потврдат констатацијата, десет европски земји денеска потпишaa договор за вмрежување во гигантски централи со ветерни турбини во Северно Море, со цел да обезбедат независност од увозот на течен природен гас од САД.

Хамбуршката декларација, прифатена од Германија, Франција, Британија, Белгија, Данска, Холандија, Норвешка, Ирска, Исланд и Луксембург, е проект за заедничко користење на 100 гигавати струја произведени од ветерни централи во Северно Море. Тоа е доволно за да се напојуваат 143 милиони домови, односно колку вкупното производство на енергија во Британија - од фосилни горива и од обновливи извори заедно. Првичниот капацитет од 30 гигавати треба да биде обезбеден веќе во 2030 година. 

На самитот во Хамбург учествуваа и НАТО и Европската комисија, заради зајакнување на заштитата на офшор енергетската инфраструктура од саботажи.

За прв пат во енергетскиот сектор, некои ветерни фарми преку подводни интерконектори ќе бидат поврзани со повеќе земји. Тоа, според авторите на проектот, би требало да ја намали цената на струјата.

Но, критичари предупредуваат дека може да се постигне спротивен ефект, ако операторите решат да ја продаваат струјата на оној што дава највисока понуда, што ќе ја зголеми цената на енергијата во периоди на голема побарувачка. Интерконекторите се покажаа како контроверзни во Норвешка, поради загриженоста дека продажбата на струја на други земји би можело да ги намали залихите за норвешките клиенти и со тоа да ја зголеми цената. За да го спречи ова, Осло воведе ограничување на извозот на струја ако биде загрозено домашното снабдување.

Еврокомесарот за енергетика Ден Јергенсен тврди дека Договорот од Хамбург ѝ нуди на Европа алтернатива од сè подлабоката зависност од увоз на течен природен гас, главно од САД. 

Силното потпирање на фосилните горива, без разлика дали доаѓаат од Русија или од кое било друго место, не може да ни ја даде енергетската безбедност и просперитетот што ни се потребни. Нè остава неверојатно ранливи на нестабилноста на меѓународните пазари и притисокот од надворешни актери, тврди Јергенсен.

Американскиот претседател Доналд Трамп на самитот во Давос пред една недела гласно ги критикуваше ветерниците во Европа, делумно за да ги заштити економските интереси на САД, кои се најголемиот светски извозник на течен природен гас. 

Има ветерници низ цела Европа и тие се губитници. Едно нешто што го забележав е дека колку повеќе ветерници има една земја, толку повеќе пари губи и толку полошо ѝ оди, изјави Трамп во Давос.

Откако ЕУ почна да ги затвора вентилите на гасоводот кон Русија, за четири пати го зголеми увозот на течен гас од САД, според Институтот за енергетска економија и финансиска анализа. 

Големата слабост (за ЕУ) е тоа што снабдувањето со фосилни горива се префрла од еден несигурен извор на снабдување кон други потенцијално несигурни извори на снабдување. Прекумерна зависност од кој било извор може да ги повтори проблемите. Едноставно не мислевме дека треба да се грижиме за САД. Тоа беше пред Трамп, изјави за Политико анонимен функционер од Европската комисија.

26 јануари 2026 - 13:39