ЕУ „од око“ ги одредува казните за технолошките гиганти

Новите европски казни од речиси милијарда евра за Гугл и половина милијарда за Алибаба го вовлекоа Брисел во нов судир со Вашингтон и Пекинг, кои реагираат дека сумите се превисоки. Всушност, тие се претерано намалени во однос на оние што се дефинирани во европските регулативи. Па, како се одредуваат? Произволно, со пресметан политички ризик.

ЕУ во четвртокот му изрече казна на Гугл од вкупно 890 милиони евра согласно Законот за дигитални пазари. Тоа всушност е збир од две посебни санкции: 460 милиони евра за фаворизирање на сопствените резултати при пребарување и 430 милиони евра за нефер практики при инсталирањето на Play Store на смартфони. Неколку дена претходно кинескиот интернет-гигант Алибаба доби казна од 550 милиони евра бидејќи не успеал да ја спречи продажбата на нелегални и штетни производи на својата платформа за е-трговија Алиекспрес.

Овие огромни суми се занемарливи во споредба со некои претходни случаи. Највисокиот суд на ЕУ неодамна ја потврди казната за Гугл од 4,1 милијарда евра, изречена во 2018 година, откако Европската комисија утврди дека американската компанија ја злоупотребила доминантната пазарна позиција на оперативниот систем Андроид. Мета во 2023 година доби казна од 1,2 милијарди евра врз основа на Општата регулатива на ЕУ за заштита на податоци (GDPR).

За одредувањето на висината на казните нема единствена формула. Регулативите за заштита на конкуренција предвидуваат казната да изнесува одреден процент од годишната продажба на компанијата за конкретниот производ или услуга. Комплицираната методологија може да вклучува намалување на износот поради соработка, но и зголемување на казната во случаи на повторено прекршување.

Законот за дигитални пазари (DMA) функционира поинаку од традиционалното антимонополско право. Целта на казните не е толку да се санкционира компанијата, туку да се поттикне усогласеност со прописите. 

Кога во 2025 година Европската комисија почна да изрекува казни далеку под прагот од 10% од глобалниот промет предвиден со регулативата, објасни дека износот е низок поради краткиот временски период во кој се одвивала спорната практика. Најновата казна за Гугл изнесува скромни 0,22% од годишниот приход на матичната компанија Алфабет. Кинескиот гигант за е-трговија Тему тврди дека казната од 200 милиони евра изречена од Комисијата во мај e непропорционална, иако таа е далеку под прагот предвиден со Законот за дигитални услуги (DSA), кој е 6% од годишниот глобален приход на компанијата. Дури и највисоката казна за приватност од 1,2 милијарди евра против Мета не се приближи до максималните 4% од годишниот промет дозволен според регулативата за приватност на ЕУ. 

Портпаролот на Европската комисија, Томас Рењие, негира дека политиката игра улога во процесот на изрекување казни.

ЕУ секогаш постапува според пропишаните процедури. Објективни критериуми, како сериозноста и времетраењето на прекршокот, олеснителните околности и ограничувањето под одреден процент од приходот помагаат да се осигури дека казните ќе останат пропорционални во сите околности, вели Рењие.

Парите од казни не одат кон специфични трошоци, туку го намалуваат износот што националните влади треба да го платат во заедничкиот буџет, но само откако ќе се решат сите жалби, што може да потрае со години.

Законот на ЕУ за вештачка интелигенција, кој ќе почне да се применува од 2 август, може да биде нов извор на спорови. Регулативата на Унијата за ВИ предвидува казни до 35 милиони евра или, до 7% од глобалниот годишен промет, ако извршителот е компанија. Законот наведува низа фактори што треба да се земат предвид при одредување на големината на казната, како што се тежината и времетраењето на прекршокот, но и до кој степен прекршителите соработувале со властите.

27 јули 2026 - 17:03