
Етиопија соопшти дека ја завршила изградбата на мегабрана на Синиот Нил, на која упорно се спротивставуваа Египет и Судан, земјите што се низводно.
Долга 1,8 километар и висока 175 метри, Големата етиопска ренесансна брана е најголемата хидроелектрична централа во Африка. Се наоѓа на притоката Син Нил во северните етиопски висорамнини, од каде што течат 85% од водите на Нил. Изградбата почна во 2011 година со буџет од 4 милијарди долари.
Етиопија, со децении осакатувана од катастрофални суши, ја смета браната за витална за да ги задоволи потребите за струја, која не е стабилно достапна за околу 60% од населението. Ќе произведува над 6.000 мегавати електрична енергија, што е двојно повеќе од сегашното производство на Етиопија и ќе ѝ обезбеди струја за извоз.
Египет и Судан ја сметаат браната за егзистенцијална закана. Американскиот претседател Доналд Трамп во 2020 година изјави дека Египет се заканил дека ќе ја „разнесе“ браната ако го загрози Нил.
Од водостојот на Нил директно зависат стотина милиони луѓе, околу 90% од жителите на Египет. Каиро објаснува дека Ренесанса нема да го загрози протокот, но стравува дека при голема суша, како неколкуте пред половина век, Етиопија би можела подолго време да ги чува на максимално ниво резервоарите што собираат 74 милијарди кубни метри вода. При таква ситуација Египет годишно би губел 1,8 милијарда долари и по повеќе од 1 милион работни места. Со само 2% намалување на количината на вода што ја добива од Нил би можело да резултира со губење на 200.000 хектари наводнувано земјиште.
Судан, во кој Нил влегува 30 километри низводно по браната, не би изгубил многу вода, а би можел да добие пристап до струја. Египетскиот претседател Абдел Фатах ал-Сиси и воениот командант на Судан, Абдел Фатах ал-Бурхан, се сретнаа претходно оваа недела и отфрлија „какви било еднострани мерки во сливот на Синиот Нил“.
Нил го полни Средоземно Море со вода од 11 земји. Синиот и Белиот Нил се спојуваат во Судан. Египет во 1959 година постигна договор да добива годишно по 55,5 милијарди кубни метри вода од Нил, а Судан да задржи 18,5 милијарди. Етиопија немаше квота и не го признава договорот.
Египет се придржува до договорите од колонијалната ера. Во спогодби со Обединетото Кралство од 1929 година Египет и Судан добија ексклузивно право да ја користат водата од Нил. Земјите од горниот тек воопшто не биле прашани.
Останува отворено прашањето колку вода Етиопија ќе ослободи низводно во случај на катастрофална суша.
Јасна е пораката до нашите соседи низводно. Браната Ренесанса не е закана, туку заедничка можност, порача етиопскиот премиер Абиј Ахмед.
Тој ги покани лидерите на двете земји на свечената промоција на проектот, планиран за во септември.