Естонија спроведува план за поврзување на податоци од лични геноми во здравствените картони на повеќе од 20% од населението. Властите тврдат дека новиот дигитален здравствен систем ветува големи придобивки за утврдување дијагнози и за третмани.
Гените содржат информации за шанси за развој на одредени болести и состојби, од рак на дојка до срцеви заболувања. Медицинските професионалци го сметаат тоа за богат, неискористен ресурс за подобрување на третманите и превенцијата.
Критичарите предупредуваат дека системот не е идеален и ги зголемува ризиците од кражба, протекување и злоупотреба на биолошките податоци.
Не можеме да ја ресетираме нашата ДНК како нумеричка шифра како од кредитна картичка. Ако се откријат генетски податоци, последиците се долготрајни, вели Елиас Мосијалос, директор на одделот за здравство на Лондонската школа за економија.
Естонија во 2007 година беше цел на масовни кибернетски напади насочени кон банки, медиуми и владини тела. Банкоматите и онлајн банкарството беа блокирани, службеници не можеа да користат е-пошта, а новинските организации не можеа да работат. Последиците се чувствуваа со месеци.
Мосијалос предупредува дека безбедноста на податоците постојано мора да се надградува, бидејќи развојот на вештачката интелигенција и идните квантни компјутери може да овозможат пробивање на денешните заштити.

Балтичката земја со 1,4 милиони луѓе има еден од најнапредните дигитални здравствени системи во светот. Пациентите преку својот смартфон имаат целосна контрола врз сопствените здравствени податоци, избирајќи кој може да пристапи до нив – блиски роднини, матични лекари или компании. Придобивките вклучуваат непречен трансфер на податоци помеѓу матичен лекар, болници, клиники, медицински сестри, болничари и здравствени служби; употреба на вештачка интелигенција за идентификување на пациенти со поголем ризик од болести, за нудење на насочен скрининг за порано дијагностицирање и лекување на пациенти за болести. Се штеди многу време, затоа што се избегнуваат повеќекратни испитувања.
Секое лице ќе има право да прифати или да одбие дали сака да учествува во системот. Континуирана контрола гарантира дека ничии податоци никогаш нема да се користат на начин што тие не го одобриле, тврди министерката за социјални работи Кармен Јолер.
Таа укажува дека владата ја заработила довербата од граѓаните. Само 2.500 луѓе, односно околу 0,2% од вкупното население, одбиле да им бидат запишани податоци од ДНК во здравствените картони.
Свен Саков, амбасадор на Естонија во Британија, вели дека дигитализацијата им заштедува на граѓаните по околу две недели годишно, затоа што не мораат да чекаат во ред за документи. Сè е во централниот систем.
Чувањето здравствен картон во хартиена форма во картотека е многу, многу помалку безбедно и до него немаат директен пристап оние на кои им е потребен. Навистина нема алтернатива. Дигиталните платформи се многу побезбедни од старите начини, додава Саков.
******
Види и: Европското технолошко чудо Естонија