Ердоган пробива нов поредок кон Исток

Турција го шири своето културно влијание во Централна Азија, а Кина инвестира во инфраструктурата во поранешните советски републики за да ги извлечат од влијанието на Москва. Европската Унија делува незаинтересирано, иако е главниот економски корисник и завршен западен терминал на новиот трговски коридор што се пробива до Европа.

За време на врвот на сириската бегалска криза во 2015-2016 година, Реџеп Тајип Ердоган одигра клучна улога за Европа. Турција доби од ЕУ над 6 милијарди евра за да ги спречи бегалците од граѓанската војна да го преминат Егејското Море или да тргнат по озлогласената балканска рута кон Запад. Ердоган сега ја користи геостратегиската позиција на Турција за да го прошири своето влијание кон исток.

Преку Организацијата на турски држави (OTS), основана во 2009 година, Турција создава одржлива соработка што ги поврзува економски, инфраструктурно и културно двата брега на Каспиското Море. OTS има пет членки - Азербејџан, Казахстан, Киргистан, Узбекистан и Турција, а Унгарија, Туркменистан и Северен Кипар имаат статус на набљудувач. Заедно, овие земји имаат 162 милиони жители и економско производство од 6.000 милијарди долари. Целта е воспоставување и зајакнување на коридор контролиран од Турција што се протега од источното Касписко Море до длабоко во Европа.

Европската јавност едвај ги забележува ОТС и неговите аспирации, иако овој геополитички амбициозен проект има директни импликации врз снабдувањето со енергија и суровини на Европа. Јужното Касписко Море е од огромно значење за трговските коридори на Кина кон Европа. 

Мотивите на Анкара се повеќеслојни. На површина, тоа е историска амбиција за воспоставување културен идентитет во постсоветскиот простор. Во сите земји на OTS, турските програми, особено сапунските опери, се емитуваат на нивниот оригинален јазик. Турците што патуваат во регионот можат лесно да комуницираат во Самарканд и Ташкент, Баку и Астана. Во септември 2024 година, во Баку беше договорено воведувањето на заедничка латинска азбука од 34 букви. Со ова се обновува иницијативата за повторно воспоставување на јазичен континуитет кој беше нарушен во 1920-тите со воведувањето на кирилицата. Буквите, исто така, се геополитика - факт што е донекаде заборавен на христијанскиот Запад.

Анкара го шири и своето економско влијание, а потенцијално и военото. Додека финансира училишта, џамии и јазични институции Турција испорачува борбени беспилотни летала на Казахстан и Узбекистан и почнува да ја поткопува доминантната улога на Русија на регионалниот пазар на оружје. Азербејџанскиот претседател Алиев, традиционално близок сојузник со Турција, дури и предложи прва заедничка воена вежба меѓу државите на OTS.

Масовното губење на влијанието на Русија се чувствува низ целиот регион - културно, економски и воено. Јужно од руската сфера на влијание, под турско водство се развива Транскасписката меѓународна транспортна рута (TITR). Овој коридор поминува низ Централна Азија, Каспиското Море, Јужен Кавказ и Турција до Европа. Клучна карактеристика на TITR е тоа што не ја преминува руската територија. Од почетокот на војната во Украина, обемот на трговијата на оваа рута се зголеми осумкратно, од 500.000 тони годишно на 4,1 милион тони. И трендот е сè уште нагоре.

Централна Азија поседува некои од најбогатите наоѓалишта на ураниум, бакар, волфрам и титаниум во светот. Сите овие ресурси би можеле во догледна иднина, да се извезуваат директно во Европа преку Каспиското Море и Турција, без воопшто да допрат до руска територија. Ова повеќе или помалку би ја поткопало позицијата на Русија како географски чувар на најважните трговски патишта Исток-Запад. 

Од кинеска перспектива, TITR е продолжение на амбициозната инфраструктурна иницијатива „Еден појас, еден пат“. Рутата сега е најкраткиот и најбезбедниот пат за кинескиот извоз, бидејќи морските патишта низ Малачкиот теснец и Суецкиот канал стануваат сè понебезбедни, а трговските патишта низ Русија стануваат сè понепредвидливи. Со други зборови: Кина сака да го направи TITR успешен без претерано да го зајакне влијанието на Турција во регионот.

ЕУ, исто така, планира да инвестира 12 милијарди евра во регионот. Сепак, оваа навидум голема сума се губи во споредба со кинеските инвестиции од илјадници милијарди долари во инфраструктурата на своите трговски коридори.

22 јуни 2026 - 09:02