
Сомалиленд е во сива зона, и географски и дипломатски. Зазема добар дел од рогот на Африка излегувајќи на Индискиот океан но е призната од НУЛА членки на Обединетите нации.
„Имаат свое знаме, своја валута и национална химна, имаат своја полиција, војска и сите други елементи на независна државност меѓутоа немаат меѓународно признавање,“ објаснува експерт за меѓународни односи од Универзитетот во Сиднеј.
Официјално, тоа е автономна област во Република Сомалија чија влада се наоѓа во Могадишу, но таа власт не успева да го контролира ни југот на земјата, камоли северот на кој е Сомалиленд.
„Луѓе кои доаѓаат овде имаат чувство дека Сомалиленд е само уште едно место од Сомалија и очекуваат насилство како и на другите места, меѓутоа, овде можеш да се шеташ со доволно доза слобода,“ вели Сара Филипс.
Сомалиленд фактички е одвоен од Сомалија уште од 1991 година кога беше соборен диктаторот Саид Баре. Меѓутоа, корените на сепаратизмот лежат во колонијализмот. Во 19-от век, Италија го држи југот а Британија северот на Сомалија. Британците, на кои во тоа време главниот колонијален капитал им е Индија, овде инсталираат „меко“ владеење, со учество на локални лидери, за разлика од Италија која управува со својот дел многу подиректно.
Дигаат раце во 1960 година. На 26 јуни таа година, британски Сомалиленд се прогласува за независна држава која бива призната од неколку членки на ОН.
Само што, тоа трае само пет дена.
На 1 јули решаваат да се спојат со југот и да ја создадат Сомалиската република за што брзо се покајуваат. Во 1969 година, со воен удар на власт доаѓа диктаторот Баре и воведува брутален однос кон северот. Главниот град на Сомалиленд, Харгеиса, бива срамнет со земја и притоа гинат десетици илјади луѓе. Северот решава конечно да се одвои од остатокот во 1991 година, што повторно доведува до бранови насилства.
Меѓутоа, иако игнориран од целиот свет, Сомалиленд успева да постигне мир и стабилност, што за странските експерти прави од него фасцинантен пример. Веќе три децении имаат стабилна партиска сцена, одржуваат мирни избори без крвопролевања, што е исклучок за тој дел од светот.
Се чини тоа што меѓународната заедница дигна раце од него, испадна подобро отколку кај неговиот јужен сосед во кој странски тела нагрнаа да помогнат и само ја усложнија ситуацијата.
Могадишу не се откажува од таа област но за познавачите е невозможно Сомалиленд некогаш повторно да стане едно со југот.
„Целиот нивен национален идентитет и изграден околу нивното оттргнување од остатокот на Сомалија и правото на независност. Оние пет дена независност им се станати и легенда и клучен аргумент во нивната битка за опстојување,“ вели Филипс.