Дроновите повеќе не се непобедливи

Беспилотните летала оставија крвав тактички печат во војната во Украина. Од маргинални алатки за извидувања станаа доминантни убијци од кои стрепат и војниците на фронтот и цивилите од Киев до Москва. Главната предност на дроновите е кога се користат во роеви, но не се непобедливи. Брзо беа развиени контрасистеми кои го затворија прозорецот на нивната доминација. 

Во текот на изминатите три години, малите и релативно евтини летала во Украина уништуваа многу поскапи и поубиствени руски тенкови и оклопни возила. Одбранбените аналитичари ги опишаа како револуција во начинот на војување, па дури и тврдеа дека се иднината на вооружените конфликти.

Пензионираниот американски генерал Марк Т. Кимит тврди дека ерата на доминација на дроновите всушност е завршена.

И покрај нивната почетна ефикасност, тие брзо станаа ранливи на софистицирани контрамерки, објаснува генералот, поранешен помошник државен секретар на САД за воено-политички прашања.

Руските сили во Украина брзо научија подобро да ги камуфлираат своите позиции, да користат електронска одбрана и да ги зајакнат возилата со дополнителни слоеви оклоп. Резултатот е драматичен пад на нивната ефикасност само неколку месеци откако се појавија на бојното поле.

Кимит посебно ја истакнува улогата на Израел и неговиот систем „Ајрон лајт“, напредна ласерска технологија што може да неутрализира десетици закани за кратко време. Пазарот ја препозна можноста и одбранбената индустрија низ целиот свет интензивно развива слични технолошки решенија.

Генералот прави паралели помеѓу беспилотните летала и други воени иновации од минатото. Тој го наведува примерот со бомбардерите помеѓу двете светски војни, кои воените теоретичари ги сметале за непобедливи сè додека не биле развиени ефикасни противвоздушни одбрани заедно со радарите и борбените авиони. Коњаницата, римските фаланги, англиските долги лакови, па дури и подморниците, сите имале свои кратки периоди на доминација пред нивните противници да развијат ефикасни контрамерки.

Најголемиот непријател на офанзивните дронови сега се сродните дефанзивни летала, кои се уште поевтини и се координираат со вештачка интелигенција. Системите со ВИ откриваат, следат и неутрализираат голем број закани во исто време и ја менуваат динамиката на бојното поле.

Ваквите системи, верува Кимит, наскоро би можеле да станат стандардни бидејќи се поекономични и поефикасни од сегашните, управувани од луѓе. Тоа се покажа на терен во Украина, како и во Израел, чии системи ги неутрализираат нападите со дронови од јеменските хути, Хезболах и Иран.

Иако беспилотните летала повеќе не се непобедливи, тие се уште ќе имаат важна улога во воените конфликти. Украина ја потврди максимата на Сталин  дека „квантитетот има свои квалитети“ кога ефикасно ги користеше во големи роеви. Тоа значи дека сè додека се евтини и масовно се произведуваат, дроновите ќе можат значително да влијаат на исходот од конфликтот.

11 јули 2025 - 10:28