Доналд Трамп против Фокс њуз

Ноќеска во Ајова, Фокс Њуз организираше уште една дебата за републиканските претседателски кандидати. Модератор на кампањата беше водителката на Фокс Њуз, Меган Кели. Нејзиното непојаување беше главен предуслов на Трамп за тој да се појави на дебата. Меган Кели беше модератор, Трамп беше дома.

Ставот на Трамп е дека тој нема да биде фер третиран од Кели, ставот на телевизијата, објавен во соопштение за јавност, е "од тајни извори дознавме дека Ајатолахот и Путин исто така планираат нефер да се однесуваат кон Доналд Трамп кога ќе се запознаат со него ако стане претседател."

Иако потегот на Трамп повлече и повеќе теории "за вистината зад неговата одлука", Џон Касиди од Њујоркер објаснува дека во основа станува збор за две работи, прво обид на Трамп да го присили Фокс да исклучи една новинарка, само затоа што таа не му се допаѓа, и второ борба за превласт во Републиканската партија.

"И за жал ова не е ништо ново. Секогаш кога новинар или медиум го критикува Трамп, тој го напаѓа и го гнаси во живо или на Твитер, и се обидува да му го одземе легитимитетот. Некогаш и успева," пишува Касиди.

На пример Републиканците ја повлекоа поканата за Нешнл Ривју да бидат ко-модератори на дебатата закажана за 25 февруари, откако тие објавија специјално издание во кое го критикуваа Трамп. Слично одлучи и ЕјБиСи Њуз, кои му го откажаа партнерството на Унион Лидер, конзервативниот весник што го нападна Трамп, за дебатата на 6-ти февруари.

И покрај тоа што Касиди комплетно е свесен за агендата што Фокс Њуз ја тера од основањето во 1996-та, според него идеологијата овој пат не е во прашање, едноставно "телевизиската мрежа е во право, а Трамп не е. Затворен случај."

Паралелно со слободата на медиумите, Касиди проценува дека ова е и дел од борбата на Трамп за контрола на Републиканската партија. Истиот овој рецепт му е пробан на Трамп во повеќе области: да ги предизвикуваш воспоставените правила и етаблираните институции во полето во кое влегуваш. Во случајот со Републиканците оваа институција е Фокс Њуз. Со непојавувањето на дебатата Трамп сака да покаже дека е поголем од Фокс Њуз, што до сега не помислил да го направи ниту еден Републиканец, пред се затоа што поддршката од телевизијата е клучна за кампањата и кариерата на кој било нивен кандидат.

 

"Трамп нормално дека треба да допре до конзервативната публика на Фокс Њуз. Токму затоа тој се има појавено на мрежата и на Фокс Бизинс над 130 пати. Меѓутоа тој сега се обидува да ги диктира условите на неговата врска со Фокс, и покажува дека ако тие не ги прифатат неговите барања тој нема да попушти. Што секако е односот што тој го разви со останатите републикански претседателски кандидат, како Рик Пери и Тед Круз. Ова е начинот на кој тој води бизнис, и тој сериозно ја потресува Републиканската партија и нејзината околина," пишува Касиди.