Организацијата за правата на потрошувачите „Which?“ анализирала повеќе од 250.000 дневни цени за 756 производи од категориите за домаќинство, технологија и здравје кај осум големи трговци. Само 22% ја достигнале својата најниска цена за време на четиринеделниот период околу „Црниот петок“ минатата година. Кај 44% од производите цените биле исти како оние што се нуделе и во други периоди од годината.
Од осумте анализирани трговци, најчесен кон купувачите бил Argos, кој 86% од производите на промоција ги понудил по најниската цена во текот на целата година. Најлош бил Amazon, каде што по реални најниска цена биле едвај 48% од промотивните производи.
Amazon тврди дека попустите се базираат на валидирани референтни цени и дека обезбедува јасни информации за цените на страниците, за да ја задржат довербата од купувачите.
За време на распродажбите за Црниот петок дефинитивно може да се најдат поволни зделки, но тие се тешки за откривање. Ако сте се загреале за некој производ, прво проверете ја историјата на неговата цена, за да бидете сигурни дека навистина добивате добра зделка, вели Рина Севраз, уредник за малопродажба.
Податоците од лани укажуваат дека за купувачите кои можат да се воздржат би било добро да почекаат уште неколку недели до божиќните распродажби.
Нема потреба да брзате со купувањето; искуството покажува дека честопати ќе можете да ја добиете истата, па дури и подобра понуда, во периодот околу Божиќ или подоцна, советува Which?.
Како конкретен пример од истражувањето, се истакнува дека маркетите „John Lewis“ на Црниот петок понудиле телевизор OLED од 48 инчи по промотивна цена од 999 фунти. Оние што почекале до божиќните попусти можеле да го купат за 749 фунти.
Анкета спроведена меѓу 2.129 граѓани покажала дека 30% од нив пазарувале за време на распродажбите за Црниот петок лани, при што повеќето потрошиле над 100 фунти. Најчесто купувале облека, обувки и модни додатоци (54%), апарати за домаќинство (46%) и производи за здравје и убавина (25%).
******
Види и: Што е тајната на големите попусти