„За време на претседателската кампања 2016, Русија започна сеопфатен напад на нашата демократија, а волен и активен партнер за тоа најде во кампањата на Трамп.
Ова претставува акт на предавство без преседан: кампања на кандидат за Претседател на Соединетите држави да соработува со непријателски настроена странска сила за да ги зголеми своите шанси за освојување на претседателството,“ порачува претседателот на Демократскиот национален комитет, Том Перез.
Иако Русија технички е имуна на американските закони, во тужбата се тврди дека на неа не и следува таков имунитет затоа што Русија упаднала на приватните сервери на Демократската партија, „со цел да украде трговски тајни и да изврши економска шпионажа.“
Демократите преземаа слична мерка по Вотергејт во 1972, кога поднесоа тужба против комитетот за ре-избор на Ричард Никсон во кој бараа отштета од 1 милион долари за упаѓање во седиштето на Демократите во зградата Вотергејт.
Во новата тужба се бара отштета од милиони долари како компензација на штетата што се тврди дека партијата ја претрпела од хакирањето. Демократите тврдат дека сајбер нападот ја поткопал нивната способност да комуницираат со гласачите, да собираат донации и да функционираат ефикасно бидејќи нивните вработени се соочиле со лично малтретирање и, во одредени случаи, закани со смрт.
Како аргументи во тужбата се наведува „детален наратив на хакирањето на Демократите, како и епизоди во кои клучни соработници на Трамп наводно дознале дека Русија има информации кои можат да и наштетат на Клинтон.“
Во тужбата не е обвинет лично Трамп, туку разни соработници на Трамп кои за време на кампањата се сретнале со луѓе за кои се верува дека се поврзани со руските власти. Меѓу нив се синот на американскиот претседател, Доналд Трамп помладиот, зетот Џаред Кушнер, и претседателот на кампањата на Трамп, Пол Манафорт.
Од руска страна е обвинето тамошното воено разузнавање, ГРУ. Трети во обвинението се Викиликс кои ги објавија протечените документи од Демократите, и нивниот основач Џулијан Асанж.
Во тужбата се откриени претходно непознати детали, како точниот датум кога е упаднато во компјутерскиот систем на демократите, 27 јули 2015. Системот бил пробиен повторно на 18 април 2016, а на 22 април хакерите почнале со ширење на податоците. Во тужбата се наведува дека 4 дена подоцна, советникот за надворешна политика на Трамп, Џорџ Пападопулос, бил информиран од професорот од Лондон, Џозеф Мифсуд, дека Русите поседуваат илјадници мејлови кои би можеле да и наштетат на Хилари.
Во тужбата се наведени и Пападопулос и Мифсуд, како и Арас и Емин Агалоров, татко и син кои во 2013 во Москва беа домаќини на Мис Универзум. Трамп, кој го поседуваше изборот, присуствуваше на настанот.
Агалорови се обвинети дека одиграле клучна улога во организирање на состанок меѓу руски адвокат и Доналд Трамп помладиот во Трамп тауер во Њујорк, на кој синот на претседателот очекувал да добие информации за Хилари.
Во тужбата се тврди дека долгогодишните лични и професионални врски на Трамп со Русија помогнале во организирање на заверата. Во документот е наведено дека Советскиот сојуз во 1980-те му има платено на Трамп да патува во Москва.