Дали Украинците се спремни да се откажат од територија за мир?

Доколку Украина ја заврши војната во 2025 тоа најверојатно ќе го направи по цена на жртвување на дел од територијата која изминативе години не можеше да ја ослободи од руската војска. Надежта на Украинците е дека за возврат би добиле „помала, но посреќна и побезбедна Украина.“

фото: ЕПА

Британски Телеграф пренесува дилеми на Украинци од Лвив, кои објаснуваат дека „тие територии, мене ми изгледаат, дека толку многу се психолошки оддалечени од нас, што се станати не-украински. Можеби е така, но може и да нè чекаат да се вратиме.“

Потсетувајќи на намерата на Трамп да ја заврши војната во рок од 24 часа од инаугурацијата, која треба да се случи во јануари, од Телеграф повторуваат дека целта на Путин кога ја започна војната беше уништување на украинската војска, промена на раководството на земјата, неутрален статус за Украина и признавање на „новата територијална реалност.“

Во ноември, Зеленски за прв пат спомна дека би бил отворен кон привремено откажување од делови од истокот во замена за завршување на „жешката“ фаза од војната. Намерата е да се заврши со војувањето, па потоа преку дипломатија Украина да ги врати изгубените територии.

Во исто време, иако се откажува од територијата, тој не се откажува од инсистирањето Украина да стане членка на НАТО и да добие доволно воена поддршка која ќе гарантира дека Путин нема да може да го повтори нападот од февруари 2022.

Она што во меѓувреме се дозна за планот на Трамп е дека предвидува прекин на огнот и замрзнување на борбите на сегашните линии на фронтот. Украина ни под разно не добива членство во НАТО, делумно затоа што Русија го бара тоа, делумно затоа што САД, Германија и други клучни членки на НАТО не сакаат да го овозможат истото. Украина е можно да добие ЕУ + Британија мировници (бидејќи Трамп не планира испраќање американски сили) кои ќе патролираат во демилитаризирана зона меѓу Русија и Украина.

Доколку ова се прифати, Украина губи дел од територијата, но добива безбедносни гаранции и трајна независност. Путин добива украинска неутралност, копнено поврзување со Крим и „победа“ што може да ја продаде дома.

„Меѓутоа, ниту една страна не изгледа вистински заинтересирана за ова.

Русија и понатаму напредува обидувајќи се да освои што е можно повеќе земја, пред почетокот на преговорите. Путин и други функционери како Сергеј Лавров, одбиваат компромиси околу нивните воени цели.

За Украина, примирје без неопходните безбедносни гаранции за негово спроведување изгледа речиси бесцелно,“ пишува Телеграф.

Западните експерти објаснуваат дека прекинот на оган од украинска страна зависи од безбедносните гаранции од Западот, меѓутоа гаранции во обемот потребен на Украина се уште не се на маса.

„Единствени преговори што се важни се преговори меѓу Украина и Западот. Се додека Западот не и даде на Украина безбедносни гаранции во НАТО стил - целосно членство со членот 5 или нешто прилично блиску до тоа - не гледам како ќе стигнеме до тоа.

Без тоа, ова се само замоци и еднорози на небото,“ објаснува професорот по руска политика на Кралскиот колеџ во Лондон, Сем Грин.

9 декември 2024 - 13:29