
Само минатата недела двајца функционери мистериозно починаа откако беа приведени од властите заради прекршување на внатрешната дисциплина во партијата. Едниот, Џиа Џиуксианг, заменик претседател на суд во провинцијата Хенан, завршил помодрен и тешко повреден во локалната болница откако цели 11 дена бил во притвор. Починал на 25. април.
Пред една недела, друг кинески функционер починал на кратко по пристигнувањето во болница во провинцијата Жеџијанг. И тој исто така бил помодрен.
Тие што некако ќе го преживеат шуангуи системот за дисциплина (систем кој Комунистичката партија го користи за одржување на ред меѓу членството и е паралелен со правниот систем на земјата), редовно ги губат своите позиции, целиот имотот им е запленет а добар дел завршуваат и на доживотна робија или смртна казна.
За функционирањето на ова се знае само од извештаите на кинеските медиуми. Според нив, функционерите обично ги апсат без никакво предупредување. Во случајот со Џиа, тој бил собран од властите додека се враќал дома од службен пат. Притворот може да трае со месеци а има и случаи кога функционерите биле исчезнати и по цела година.
Истите овие мерки важат и за високи функционери, како што беше случајот со поранешниот министер за железници, кој по една железничка несреќа во која загинаа десетици луѓе, беше обвинет за корупција и злоупотреба на власта. Човекот не е виден во јавност од минатата година.