„За сега изгледа како никој да нема лесен начин за заобиколување на овој проблем,“ пишуваат Сара Аруп и Америка Хернандез во текстот за Политико.
Санкциите против Русија што беа најавени и пред признавањето на Доњецк и Луганск не се наивни дури ни за помоќни економии од руската.
„Меѓутоа позицијата на ЕУ е матна кога е во прашање запирањето на преважните приходи од енергенси на кои отпаѓа над една третина од буџетот на Москва.
Останува нејасно дали банкарските санкции ќе ги запрат исплатите од ЕУ за државната компанија Газпром. Како што стојат работите, парите од енергетиката изгледа е многу веројатно дека ќе продолжат да течат кон Москва, дури и за време на руска војна против европски сојузник.
Главниот проблем е што Европа е закачена на гасоводите на Газпром а Брисел не направи никаков значителен исчекор во намалување на зависноста како што тоа беше ветено по инвазијата на Путин на Крим во 2014. Во 2020, 35% од вкупниот увоз на гас во ЕУ доаѓа од Русија, споредено со 26% во 2010. Во 2021 увозот на рускиот гас во ЕУ изнесуваше 42% само преку гасоводи, ова не ги вклучува пратките ЛНГ,“ пишуваат двете авторки.
Проблемот што се создава е што САД се тие што имаат голема воена предност во однос на Русија, меѓутоа ЕУ е таа што го има економскиот адут во однос на Русија. ЕУ има речиси 10 пати повеќе трговија со Русија отколку САД.
На забелешката на италијанскиот премиер Марио Драги, околу зависноста од руските гасоводи, претседателката на комисијата на ЕУ, Вон Дер Лејен, одговори со уверување дека има можност Унијата да ја намали зависноста со тоа што снабдувањето ќе оди преку танкери со ЛНГ.
Во ваквите опции не веруваат ниту самите Германци, кои најрадо би да избегнат да бараат алтернативи на рускиот гас, додека германската индустриска асоцијација БДИ предупреди дека растечките цени на струјата и гасот „се закануваат дека ќе ја соборат економијата“, додавајќи дека:
„Ситуацијата е толку сериозна што дури и средни компании од различни сектори кои се лојални на средината во која се сместени, мора да размислат за селење во странство.“
Освен природниот гас, ЕУ е врзана со Русија и со суровата нафта, па во 2020 источниот сосед на Унијата е најголем извозник на сурова нафта во ЕУ, оставајќи ги зад себе конкурентите како Норвешка, Казахстан и САД. Русија го покрива и спласнатото европско производство на јаглен, наспроти се уште живата и активна потрошувачка на јаглен во Унијата.
„Ниту еден европски лидер директно не тврди дека ЕУ треба да престане да ги купува овие суровини од Русија во случај на војна,“ забележуваат Аруп и Хернандез.
Дури и обидот да се заобиколат енергенсите и да се удри на финансискиот систем, пример преку исклучување на Русија од СВИФТ, пак на крај ќе застане кај гасот, бидејќи како што објаснува Мајк Фулвуд од Институтот за енергетски студии на Универзитетот во Оксфорд, „ако и ги прекинеш исплаќањата на Русија преку СВИФТ тогаш веројатноста е дека Газпром повторно ќе го прекине снабдувањето со гас бидејќи и до нив нема да стигаат парите.“
Една од опциите е да се воведат санкции со кои се забранува продажба на европска технологија за нови гасни проекти на Русија.
„Во таа смисла ЕУ санкциите звучат многу слично на не-конфронтирачките санкции во 2014, кои ја таргетираа руската можност да купува технологија за длабинско дупчење нафта на Арктикот. Сепак ова би можело да удри и на некои европски компании како Шел и Тотал кои се вклучени во ЛНГ проекти во Русија.
Поширокото политичко прашање е дали граѓаните за Западна Европа се подготвени да се жртвуваат за Украина,“ прашуваат двете авторки.