Да, за 900-те милијарди долари за американската економија

Се работи за пакет кој неколку месеци комплетно ја блокираше работата на Конгресот и кој на законодавците им беше испорачан на само неколку часа пред гласањето со сите свои речиси 5.600 страници. Како и да е, пројде, во 90-та минута.

Парите ќе бидат поделени меѓу граѓаните на САД и фирмите низ земјата, плус дел ќе бидат одделени како ресурси за вакцинирање на нацијата.

Пакетот предвидува дополнителни 300 долари неделно помош за сите невработени, плус еднократен чек од 600 долари за сите поединци кои заработуваат до 75.000 долари годишно или парови што заработуваат до 150.000 долари годишно.

Помошта за невработени од 300 долари неделно ќе трае до 14 март. Претходната ваква помош која истече во јули годинава изнесуваше 600 долари неделно.

Вкупната сума што ја опфаќа овој пакет е за половина помала од тоа што Демократите првично го бараа есенва како помош за земјата. Заради ова водечките демократи порачаа дека ќе се борат за дополнителна помош за најсиромашните откако Бајден ќе влезе во Белата куќа. Во пракса ова е малку веројатно дека ќе биде успешно имајќи предвид дека ја немаат неопходната доминација во Конгресот.

Помошта вклучува и 325 милијарди долари позајмици за малите бизниси, 82 милијарди за училиштата и колеџите, и 69 милијарди за дистрибуција на вакцините против ковид.

22 декември 2020 - 11:38