"Експерименталната природа на техниките за испрашување и притвор се јасно очигледни во краткото резиме на извештајот на Комитетот за разузнавање на Сенатот и покрај уредувањето на текстот (на барање на ЦИА) со цел прикривање на локациите на овие лаборатории за сурова наука и идентитетите на прекршителите," пишува Лиса Хаџар во Нејшн.
Целата теорија на Хаџар е дека за изработување на програмата ЦИА ангажирала двајца психолози - Џејмс Мичел и Брус Џесен. Клучното е што овие двајца немале никакво претходно искуство со испрашување затвореници, измачување или какво било интимно познавање на луѓето од ал Каеда, нивниот јазик или култура. Нивната експертиза се сведувала на претходно изучување на ефектите од тортурата врз американските воени затвореници, и познавање теории добиени од експерименти врз кучиња на тема 'осознаена беспомошност'.
За да ги имплементираат овие теории, Мичел и Џесен ги надгледувале или лично ги спроведувале техниките чија цел била да се создаде "физичка слабост, дезориентираност и преплашеност." Спроведувањето на нивните теории има специфичен сооднос на цели и средства кој не е добро разбран, "техниките сами по себе не довеле до корисни информации, туку создале услови за тотална потчинетост што би го олеснило вадењето корисни разузнавачки информации."
Кога Мичел и Џесен се ангажирани од нив се бара да направат обратен инженеринг на техниките кои армијата ги користи во тренинг програмата за Преживување, избегнување, отпор и бегство (Survival, Evasion, Resistance, Escape - SERE), и тие да се искористат за да се натераат затворениците да прозборат.
"Патот од апстрактна хипотеза (дали може да се направи обратен инженеринг на SERE) до авторизирано користење на вотербординг и кутии за затворање минува директно преку теренот на експериментирање врз луѓе. На 15-ти април 2002-ра, Мичел и Џесен пристигнуваат во една од тајните станици на ЦИА во Тајланд за да го надгледуваат испрашувањето на Абу Зубајда, првиот 'висок притвореник' заробен од ЦИА. До јули, Мичел на ЦИА и предлага поостри техники кои во најголем дел се одобрени кон крајот на јули. Од тогаш, до укинувањето на програмата во 2008-ма, најмалку 38 луѓе се подложени на психолошко и физичко измачување, а резултатите се методолошки документирани и анализирани. По учебник ова е дефиниција за експериментирање на луѓе," објаснува Хаџар, инаку професорка по социологија на Универзитетот Калифорнија, Санта Барбара.