Во големата реконструкција на владата што ја спроведува претседателот Зеленски по оставката на премиерката Јулија Сидоренко, настрада и популарниот министер за одбрана Михајло Федоров, кој беше назначен на функцијата пред само шест месеци.
Претходно, како министер за дигитална трансформација, Федоров беше генератор на напорите за развој на домашни одбранбени технологии и беспилотни летала. Уште тогаш, со стилот на управување - како директор на стартап, се издвои од политичкиот естаблишмент и предизвика незадоволство кај традиционалното воено раководство.
Откако ја презеде функцијата во одбраната, на Федоров му се припишуваат заслуги за темелната реорганизација на министерството, кое беше истакнувано исклучително сложен предизвик. Воведе нови дигитални системи и ја покрена иницијативата „Армија на дронови“ за да го зголеми домашното производство и развој на беспилотни летала.
Во обид да се справи со сè поголемиот недостиг на човечки ресурси, минатиот месец значително ги зголеми платите за војниците на фронтот, воведе договори на определено време и им понуди можност за демобилизација на некои од војниците со најдолг стаж. Овозможи ангажирање странци и ги ублажи казните за војници кои отсуствуваат без дозвола.

Личните врски на Федоров со гигантите од Силиконската долина помогнаа за унапредување на украинските технологии за одбрана и комуникација. Во соработка со Алекс Карп, ја искористи платформата на Palantir за проширувањето на примената на ВИ во украинските системи за вооружување и во обработката на разузнавачки податоци. Со Шмит обезбеди развој на технологии за дронови. Од Маск издејствува блокирање на сателитскиот систем Starlink на територијата на Русија.
Директори од одбранбената индустрија и високи функционери оценија дека Федоров претставувал пречка за интересите на оние што сакале да профитираат од огромниот буџет на Украина во време на војна. Постојано ги блокирал обидите за насочување на договорите за јавни набавки кон фаворизирани компании.
Неговата грешка е што стана премногу популарен. Исто така, делува исклучително ефикасно. И како капак на сè, реши да не толерира корупција, изјави Серхиј Фурса, украински инвестициски банкар.

Федоров со месеци е во судир и со главниот командант на воените сили, Олександр Сирски, во врска со прашањето како Украина треба да ја води војната и да ги организира своите вооружени сили. Зеленски има високо мислење за Сирски, и покрај лошата репутација на генералот кај дел од украинските копнени сили. Критичарите го нарекуваат „касап“ и тврдат дека неговите одлуки непотребно однеле во смрт украински војници.
Ова е најскандалозната одлука што Зеленски ја донел како претседател. Сигурно сега отвораат шише вотка во Москва, оцени украинскиот воен известувач и аналитичар Илија Пономаренко.
За нов министер за одбрана ќе биде номиниран Игор Клименко, кој беше началник на Националната полиција и стана министер за внатрешни работи откако неговиот претходник Денис Монастирски загина во хеликоптерска несреќа. Нов премиер најверојатно ќе биде Сергиј Корецки, извршен директор на државната компанија Нафтогас, кој важи за „политички неутрална фигура која не може да го засени Зеленски“.