Чарлс Гарет добро помина

Британскиот Форин офис објави листа на необични барања кои биле упатени на адреса на нивните амбасади по светов. Свашта луѓе бараат.

Човек во Делхи бил во очајничка потрага по веганска кобасица а начул дека во британската амбасада држат залихи од таков производ. Друг барал официјална потврда од својата амбасада дека Полска не е татковина на вампирите откако потенцијален партнер од таму, преку интернет му побарал крвна група пред да се сретнат во живо.

Британец на одмор во Шпанија побарал државата да му помогне да ја смени хотелската соба во која му влегла мачка и му измочала во кревет. Некој нивни во Америка им се има јавено да му раскажат што се случиво во последната епизода на нивната верзија на „Танц со ѕвездите“. А за Италија им побарале да им помогнат да се организира венчавка, ако можело и Папата да дојде. 

Ова е дел од листата која ја објави Форин офисот со барања до британските дипломати ширум светот од луѓе кои слабо разбираат за што можат амбасадите да помогнат.

„Со жалење сакаме да потврдиме дека Форин офисот не е во состојба да дава совети за вампири и дека нашите интервентни капацитети за вегански кобасици се инфериорни,“ пишаа во групниот одговор на ваквите барања.

А меѓу нив имало и барање да се добие листа на удавачи во Аргентина, обжалување на сметка за масажа со хепиенд во Бангког или барање да се дообјасни приказната во Брејвхарт.

Дипломатската мрежа на Велика Британија во 2018 година процесирала 330.000 барања на свои државјани. 5.000 лица биле притворени, 4.500 хоспитализирани а десетици илјади имале фрка со документите. 

*******

Поранешниот брит амбасадор во Македонија, Чарлс Гарет, беше не толку чест но беше драг гостин кај нас. Веројатно му беше фасцинантно што никогаш не ме му спомнавме пари и грантови, нас ни беше драго што машки знае да изгуби во фудбалче и што беше интересен соговорник за секакви теми, од Монти Пајтон и Борис Џонсон па до Пол Велер и Кинг Кримсон. Се кавгавме само за името, ама тоа ваљда нормално.

Поздрав до него, кај и да е, со една што ја сака:

2 јануари 2019 - 13:12