
Нафтениот гигант „Бритиш петрол“ се откажува од амбициите за зголемување на капацитетот на обновливите енергетски извори и ќе им се врати на фосилните горива.
Директорот Мари Окинклос им порачува на акционерите и инвеститорите дека „БП“ ги напушта целите за дваесеткратно зголемување на капацитетите за обновлива енергија на 50 гигавати до 2030 година.
Во извештајот за приходи е наведено дека компанијата веќе стигнала до „зелен“ капацитет од 8,2 гигавати. Во 2019 година, кога почна програмата, капацитетот за генерирање струја од ветер не достигнал ни 1 гигават.
„Бритиш петрол“ ќе се откаже и од целта да достигне 49 милијарди долари заработка пред оданочување (ЕБИДТА), туку развојната цел ќе ја изразува во проценти. Нафтениот гигант лани не ја постигна целта да заработи 40,9 милијарди.
Компанијата всушност се прилагодува на новиот тренд на враќање кон фосилните горива, наспроти глобалните напори за целосно исфрлање на нафтата, гасот и јагленот за да се ограничат последиците од климатските промени. Американските ривали „Ексон“ и „Шеврон“ останаа фокусирани на нафтата и гасот. „Шел“ тврди дека им останува верен на целите до 2050 година да нуди целосна чиста енергија, но лани пренамени милијарди од проекти за генерирање енергија од ветер кон проекти за фосилни горива и почна да се повлекува од енергетските пазари во Европа и Кина.
Норвешката државна компанија „Еквинор“ ги намали вложувањата во обновливи извори: „Сегментот со офшор плантажите на ветер поминуваат низ тешки времиња поради инфлацијата, зголемената цена, тесните грла и синџирот на доставување, но ќе продолжиме да бидеме селективни и дисциплинирани во пристапот“.
Геополитичките нарушувања, како инвазијата врз Украина, ги ослабеа иницијативите за приоритизирање на транзицијата кон горива со низок степен на јаглерод, објаснува аналитичарот Роан Боувотер.
Битен фактор е и враќањето на Доналд Трамп во Белата куќа. Неговото мото „Drill, baby, drill“ го потресе глобалниот енергетски сектор од 3.000 милијарди долари. На фосилните горива им се враќа и Кина, најголемиот увозник на нафта во светот, за да ја надмине сопствената индустриска криза.