
Кон крајот на минатата недела беше објавено дека државата ќе инвестира во британската компанија ОнеВеб, со цел да надомести за губењето пристап до Галилео сателитскиот систем за навигација што и припаѓа на ЕУ.
Со инвестицијата Британија станува сопственик на 20% од компанијата, која моментално има сосема поинаков тип на мрежа на сателити отколку онаа што типично се користи за управување со такви навигациски системи.
„Основната стартна поента е, да, купивме погрешни сателити.
ОнеВеб во основа работи на истиот принцип како Старлинк на Елон Маск: мега-констелација на сателити во ниската орбита на Земјата, кои се користат за луѓето на тлото да се поврзат на интернет.
Тоа што се случи е што многу талентираните лобисти во ОнеВеб успеаа да ја убедат владата дека ние можеме целосно да редизајнираме дел од сателитите за на нив да натовариме и навигација. Тоа би било ставање недокажана технологија на мега-констелација која е направена да прави нешто сосема друго. Ова е технолошко и бизнис коцкање,“ изјавува експертот за вселенски политики од Универзитетот во Лестер, др. Бледин Боувен.
Дополнително Боувен порачува дека сателитите на ОнеВеб нема да можат да послужат за воени потреби бидејќи за тоа се потребни „екриптирани, безбедни сигнали кои се прецизни во сантиметри, а не сум сигурен дека можеш тоа да го направиш на сателити мали како оние на ОнеВеб.“
На сличен став се и други експерти според кои „ситуацијата изгледа како национализмот да триумфирал над здрави индустриски политики.“ Аналитичарот од консултантската компанија Џефрис, Жил Торн објаснува дека сите големи системи за глобално позиционирање кои моментално се во оптек, се во средна орбита на Земјата. Во пракса тоа значи дека сателитите на овие системи се отприлика на 20.000 километри од Земјата, додека оние на ОнеВеб се на само 1.200 километри.
Инвестицијата на Британија во ОнеВеб е околу 500 милиони фунти.