Брегзитаџија пишман-аџија

Човекот кој ја водеше кампањата за Брегзит и ги извади некои од нејзини најефектни слогани, сега вели дека излегувањето од ЕУ било грешка. 

На креаторот на прочуениот автобус на кој пишуваше „На ЕУ секоја недела ѝ праќаме 350 милиони фунти. Ајде наместо тоа да го финансираме нашето здравство“ одеднаш му текна дека Брегзит бил голема грешка.

* патем, троа претерување беше тоа, не 350 туку 199 милиони 

Доминик Камингс, кој беше директор на кампањата за излегување на Велика Британија од ЕУ сега мисли дека референдумот бил глупава идеја пред да бидат исцрпени сите преговарачки тактики со Брисел.

“Требаше прво да пробаме некои други работи“, се сети деновиве Камингс.

Освен лагата за 350-те милиони фунти, од неговата лабораторија излегоа и слоганите „Новите британски граници се со Сирија и Ирак“ и едноставниот но доволно заплашувачки „Турција (80 милиони) влегува во ЕУ“.

"Браво за искреноста ама каде да ги подигнам моите 350 милиони фунти за неделава?", кисело праша еден британски сценарист кој беше за останување на државата во Унијата.

 

5 јули 2017 - 16:03