Неколку дена по објавувањето на сторијата во Њујорк пост од 14 октомври 2020, на три недели пред претседателските избори, во јавноста е објавено писмо потпишано од 51 поранешни американски разузнавачки функционери, во кое се тврди дека сторијата за лаптопот „ги има сите класични обележја на руска информациска операција“. Меѓу потпишаните се и Џон Бренан и Џејмс Клапер директорот на ЦИА, односно Националното разузнавање, од времето на Обама.
Поранешниот заменик директор на ЦИА, Мајк Морел, пред комитет на американскиот Конгрес изјави дека Блинкен, кој во 2020 е советник на претседателската кампања на Бајден, одиграл улога во создавањето на писмото.
На последната претседателска дебата, на неколку денови пред изборите, Бајден ги отфрли обвинувањата на Трамп околу лаптопот цитирајќи го писмото потпишано од поранешните разузнавачи.
Морел објаснил дека по објавувањето на веста од Њујорк пост, бил контактиран од Блинкен околу неговата подготвеност да учествува во изјава „која ќе ја поткопа сторијата за лаптопот“. Запрашан дали имал намера да напише писмо пред јавувањето од Блинкен, Морел изјавил дека немал и дека телефонскиот повик „апсолутно“ го натерал да напише.
„Имаше две намери. Едната беше да се сподели нашата загриженост со американскиот народ дека Русите играат на ова прашање.
Втората беше да му се помогне на потпретседателот Бајден,“ изјавил Морел.
Запрашан зошто сакал да и помогне на кампањата на Бајден, Морел одговорил „затоа што сакав тој да победи на избори.“ Поранешниот директор изјавил и дека кампањата на Бајден исто така „помогнала во стратегијата за јавното објавување на изјавата“ од поранешните разузнавачи.
По ова републиканците од комитетот на Претставничкиот дом му пишале на Блинкен дека ќе сакаат и со него да разговараат околу истото прашање.