Што знае буџет што се 4.700 милијарди долари

За речиси 5 билиони долари исплатени од федералниот буџет на САД не може да се открие дали завршиле каде што биле наменети, бидејќи Министерството за финансии случајно или намерно не им ја бележело трагата, утврдило одделението за кастрење трошоци на Илон Маск. ДОГЕ бара и целосно укинување на застарените хартиени чекови, за чие чување во сефови се троши по 750 милиони долари годишно.

Одделението за штедење на Илон Маск открило буџетски исплати од вкупно 4.700 милијарди долари преку трансакции за кои вели дека е „речиси невозможно“ да им се открие трагата.

Спорните трансакции од Министерството за финансии го немаат идентификацискиот код ТАС што ја поврзува исплатата со соодветна намена дефинирана во буџетот.

Пополнувањето на полето за ТАС било опционално, па обично било оставено празно. Од неодамна полето е задолжително и и трансакцијата не може да помине ако не се наведе буџетската линија.

Министерството за финансии, кое секоја година насочува билиони долари од државната каса, беше меѓу првите агенции во кое упаднаа ревизорите од ДОГЕ. Тие добија целосен пристап до чувствителните платежни системи, за да може да ги искоренат непотребните трошоци, злоупотребите и измамите.

И тоа не е сè.

ДОГЕ тврди дека само со укинувањето на чековите од хартија може да се заштедат најмалку 750 милиони долари годишно. Заради даночни и пасошки проверки Министерството за финансии е обврзано да чува во сефови стотина милиони чекови што ги добива и ги обработува секоја година, за што од буџетот биле трошени по 2,40 долари за секој чек.

Поради изминат датум или изгубени чекови, само во 2023 година биле одложени или целосно изгубени исплати на 25 милијарди долари како поврат на данок.

За неполн месец од основањето, ДОГЕ тврди дека веќе скастрило трошоци од 55 милијарди долари. Шефот Илон Маск најави дека со елиминирање на непотребните трошоци може да заштеди „најмалку 2 билиони долари“, што би било речиси една третина од вкупните давачки на федералната влада.

18 февруари 2025 - 11:41