Со исклучок на Матео Салвини, Бенон во своето движење не успеа да собере нешто многу партнери од оваа страна на Атлантикот, од проста причина што европските крајни десничари стандардно имаат барем по неколку теми по кои се дијаметрално спротивставени. Меѓу потенцијалните членови веројатно е и Орбан, заради сличните афинитети со Салвини кон одбивање бегалци и оградување на земјата од тоа што се случува пред нејзините граници. Бонус на ова е што италијански и унгарски крајни-десничари и немаат некои големи меѓусебни спорови. Бенон крајно успешно игра и на сметка на егото на Орбан, фалејќи го како „Трамп пред Трамп.“
Во своето распостелување, Бенон порача и дека верува дека може да собере најмалку 25% од симпатизерите на Берни Сандерс, а пред некое време тој ги предупреди прогресивците дека „естаблишментот ќе ја опструира нивната агенда ако Демократите ја освојат Белата куќа“.
На сето ова, реакцијата на Берни Сандерс пристигна во форма на колумна во Гардијан во која го осуди движењето на Бенон, кое го смета за сериозна закана, притоа порачувајќи дека ова е борба за иднината на планетата и дека „во прашање е економската, социјалната и еколошка иднина...“ и дека сме сведоци на „подем на нова авторитарна оска“.
„Иако овие режими се разликуваат во одреден поглед, тие имаат исти клучни атрибути: непријателство кон демократските норми, антагонизам кон слободниот печат, нетолерантност кон етничките и религиозни малцинства, и верување дека владата треба да има корист од сопствените себични финансиски интереси... Овој тренд секако не започна со Трамп, но нема сомнеж дека авторитарните лидери низ светот се инспирирани од фактот дека лидерот на најстарата и најмоќна демократија ужива во распарчување на демократските норми,“ пишува Сандерс.
Неговото решение за справување со подемот на меѓународната апсолутистичка оска е „интернационално прогресивно движење кое се мобилизира зад визијата за заеднички просперитет, безбедност и достоинство за сите луѓе, кое ќе се справи со масовната глобална нееднаквост која постои, не само по богатство туку и по политичка моќ“.
„Ние мора искрено да испитаме како поредокот по Втората светска војна не исполни голем број негови ветувања, и како апсолутистите вешто ги искористија овие неуспеси со цел да создадат поддршка за својата агенда. Мора да ја искористиме можноста за повторно концептуализирање на вистински прогресивен глобален поредок базиран на човекова солидарност, поредок кој признава дека секој човек на планетава ја споделува истата хуманост, дека сакаме сите наши деца да растат здрави, да имаат добро образование, да имаат пристојна работа, да пијат чиста вода, да дишат чист воздух и да живеат во мир,“ порачува Сандерс.