Бајден во Рим пристигна како Гадафи

85 возила имаше автомобилската колона што го придружуваше Бајден по улиците на Рим, каде инаку е дојден да се договори околу глобалното затоплување. И ова е без возилата на италијанската полиција и безбедност.

Рим беше првата станица на патувањето на Бајден кое ќе заврши со климатскиот самит во Глазгов.

Иако стандардно патува со бројна придружба на советници, воени функционери, фотографи, обезбедување од секој вид, резервна претседателска лимузина и медицински лица, овој пат нивната бројка беше зголемена заради приемот кај папата Францис. Заради можноста да се видат со папата во поставата на Бајден освен првата дама беше и главниот доктор на Белата куќа, советникот за безбедност Џејк Саливен и високиот советник Мајк Донилон, како и министерот за надворешни работи на САД, Ентони Блинкен.

Секој од овие има и сопствено опкружување кое е неопходно да ги придружува, плус одделни возила.

Згора на ова Американците мораа да ги почитуваат италијанските ограничувања воведени заради ковид-19, кои ограничуваат максимум по 4 лица во возило, што дополнително ја продолжи колоната.

Критиката е дека сите овие 85 возила треба на брод или авион да бидат пренесени од САД во Европа, тука да бидат извозени, и потоа да бидат вратени назад. Колку точно загадување произведе целата оваа операција не е познато.

Кога стигна во Ватикан, Бајден имаше 75-минутен состанок со Папата. Во 2017 кога Франциско се сретна со Трамп состанокот траеше 30 минути, а неколку години пред тоа со Обама имаше средба од 52 минути. Состанокот беше најавено дека ќе биде пренесуван во живо, за изненадно тоа да биде откажано без никакво објаснување.

 

1 ноември 2021 - 11:30