Поранешниот премиер на Израел, Нафтали Бенет тврди дека САД и западните сојузници ги блокирале неговите обиди за ставање крај на војната помеѓу Русија и Украина, уште во нејзината рана фаза.
Уште лани во март се сретнал со Путин и Зеленски, што било координирано со САД, Франција, Германија и Велика Британија.
Двете страни се согласиле на сериозни концесии. Русите прифатиле да се откажат од „денацификацијата“ како услов за прекин на огнот, а под неа Москва секогаш подразбирала и отстранување на Зеленски. Путин им гарантирал дека нема да го убива украинскиот лидер.
За возврат, Зеленски се откажал од идејата за влегување во НАТО, што беше и првична причина за руската инвазија.
Извештаите од тоа време навистина сугерираа дека и двете страни ги омекнуваат своите ставови и дека барањата на Путин се тешко прифатливи за Зеленски, но не и толку екстремни како што очекувал. Предлогот не вклучувал промена на режимот во Киев и дозволува Украина да го задржи суверенитетот.
Бенет вели најагресивен став имал Борис Џонсон, додека Макрон и Шолц биле попрагматични. Американскиот претседател навидум ги прифаќал двете позиции.
Сепак, во крајна линија, западните лидери решиле да ги саботираат напорите на Бенет и „да продолжат да маваат по Путин а не да преговараат со него.“
Објаснувајќи ја неговата одлука да биде медијатор, Бенер рече дека не е во интерес на Израел да зазема страна во војната потсетувајќи на честите израелски воздушни удари во Сирија. Русите таму имаат противвоздушен одбрамбен систем S-300.
„Само да стиснат копче, израелските пилоти ќе испопаѓаат“, вели Бенет.
Неговите напори не беа единствени. Нешто подоцна, двете страни се сретнаа во Истанбул, и се чинеше дека е можен некаков договор. И таа шанса пропадна заради западниот притисок. Борис Џонсон во април го посети Киев и отворено му сугерираше на Зеленски да не преговара со Русија.
Според украинска Правда, Џонсон дал до знаење дека дури и Украина да е подготвена да потпише договор со Русија, нејзините западни сојузници не се подготвени за тоа.