Пред една година Конгресот донесе нов закон за членството на САД во НАТО кој предвидуваше дека евентуално излегување од Алијансата ќе мора да биде одобрено и од две-третини од Сенатот.
Сега правни експерти објаснуваат дека Трамп би можел да се обиде да ги заобиколи НАТО ограничувањата воведени од Конгресот со помош на претседателските овластувања што ги има околу надворешната политика на земјата, „пристап што го користел и претходно за бајпасирање на конгресните ограничувања за повлекување од договори.“
Главната забелешка на правните експерти е дека законот што е донесен минатата година не го спречува Трамп да го исклучи САД од НАТО туку само процедурално му ја отежнува постапката, додавајќи го Конгресот во целиот процес.
Ако Трамп едноставно прогласи дека се повлекува од Алијансата не е јасно ни дали Конгресот би имал правна основа за да започне судска постапка против него, а дури и да има, за тоа ќе треба согласност и од Републиканците во Конгресот.
Ова би можело да се промени доколку законодавците во претстојниот период до инаугурацијата на Трамп, во законот додадат експлицитно овластување за започнување на судски процес во случај на повлекување од НАТО.
Трамп може да го поткопува НАТО дури и без формално да се повлече од него, преку неименување на амбасадори или спречување на војската да учествува во воени вежби и сите други работи за кои треба одобрување од американскиот претседател.