Ако Демократите освоија милиони гласови повеќе, како Републиканците го задржаа Сенатот?

Малку таков им е системот, малку инженеринг околу цртањето на границите на изборните единици, а има и класични формално-правни сопки правото на глас да го остварат оние за кои знаеш дека нема да гласаат за тебе.

После Трамп кој стана претседател со помалку гласови од Хилари и после последниве изборни резултати по кои Демократите освоија милиони гласови повеќе но тоа не се одрази врз контролата во Сенатот, многумина предупредуваат дека во земјата се инсталира „владеење на малцинството.“

Особено воочлива беше статистиката по која Демократите им водеа на Републиканците 12 милиони гласови во сенаторската трка. Исходот кој уште еднаш покажа расчекор меѓу добиените гласови и освоените места ја обнови фрустрираноста кај Демократите од изборниот систем кој им овозможува предност на традиционално конзервативните држави.

Тоа не се одразува не само на пратеничкиот состав. Професорот по уставно право на Харвард, Лоренс Трајб, потсетува дека пет од деветтемина врховни судии се номинирани од републикански претседатели кои колективно имаат освоено помалку гласови од нивните демократски противкандидати.

Според последните податоци, Демократите освоиле 7% повеќе гласови. Во Претставничкиот дом добија нови 29 места а изгубија две. Истовремено, Републиканците барем за две места ја зголемија предноста во Сенатот.

Како еден од клучните фактори се смета тоа што на последното цртање на границите на изборните дистрикти, конзервативните сојузни држави (водени од проектот Redmap) многу успешно ги исцртаа посакуваните изборни мапи за да се максимизира ефектот на своите а да се минимизира ефектот на противничките гласови.

Од друга страна, Сенатот по дефиниција е анти-мајоризирачка институција. Во него секоја од 50-те држави дава по двајца сенатори, без разлика на големината на државата. Тоа значи дека Калифорнија со речиси 40 милиони луѓе и Вајоминг со половина милион имаат ист број претставници во Сенатот, по двајца. А во секој изборен циклус се обновува само една третина од сенаторскиот состав. Ова системско решение им овозможува на малите конзервативни држави да имаат диспропорционално влијание во Сенатот.

За да се смени тоа решение потребно е да се интервенира со уставен амандман кој треба да го потврдат две-третини од двата дома на Конгресот (Претставничкиот дом и Сенатот ) и три четвртини од државите. Нема шанси да се случи тоа бидејќи тешко некој да ги убеди малите да се откажат од оваа системска повластица.

Уште само за сопките.

Во Северна Дакота, правилата за гласање со документ за идентификација им создаде бариера на илјадници домородни Американци да гласаат. Решението на прв поглед изгледа ферски, на гласање да покажеш адреса адреса на која живееш. Само што Индијанците кои живеат во резервати обично немаат улични адреси туку користат поштански фахови. 

Уште посликовита е гувернерската трка во Џорџија. Таму се очекуваше демократката Стејси Абрамс да стане првата црна жена гувернер во историјата. Последните податоци покажуваат дека сепак изгубила за влакно од актуелниот републикански гувернер Брајан Кемп. 

Причина? За време на претходниот мандат, администрацијата на Кемп стопирала најмалку 53.000 гласачки регистрации (главно црнечки гласови) повикувајќи се на правилото за „точно поклопување на податоците“. Според тоа правило, не може да се гласа ако постои и најмала разлика меѓу личните документи и податоците во избирачкиот список. А во огромен дел случаи се работело за навистина банални ситници како што се апострофи, средни имиња, акценти и слично.

Или ова:

Абрамс одби да признае пораз и најави дека ќе води правна битка додека не се добие целосна изборна слика со сите гласови во неа.

 

8 ноември 2018 - 17:16