
На самитот на африканските и карипските лидери во Адис Абеба, шефот на Комисијата на Африканската унија побара „репаративна правда и вистинско ослободување“ од поранешните колонијални сили.
Африка и Карибите ќе работат заедно за да обезбедат почит за нашите предци, да ги воздигнат нашите потомци и да ја вратат нашата заедничка судбина во слобода, правда и единство, објави Махамуд Али Јусуф, политичарот од Џибути задолжен да ја води иницијативата.
Британија, која во врвот на Империјата контролираше една четвртина од континентот, како и Франција, Португалија, Шпанија, Германија и Белгија, нема да се соочи само со барање за отштета за трговијата со робови, туку и за „структурна и системска неправда“.
И африканските кралства профитирале од трговијата со робови. Тие им обезбедувале веќе поробени Африканци на европските трговци, кои не морале да ги напуштаат безбедните крајбрежни бази. Кралот Гезо од Дахомеј (денешен Бенин) активно барал од Британците да не ја укинуваат трговијата со робови, бидејќи тоа било многу профитабилно за неговото кралство.
Сумата на репарациите не е одредена. Тие би можеле да вклучуваат реформи на глобалните економски практики, враќање на културните артефакти и компензација за ефектите од климатските промени.
Петнаесетте членки на Карипската заедница (КАРИКОМ) повеќе од една деценија бараат од колонијалните сили компензација за ропство. Планот од 10 точки вклучува финансиска компензација, но и официјално извинување, олеснување на долгот и помош за економски развој и образование.
Африканската унија веќе осум месеци го подготвува својот список барања и објави дека 2025-та ќе биде „Година на репарации“. Една од главните точки е враќањето на украдените артефакти на нивните вистински сопственици, како чекор кон културна реставрација. Музеи низ Британија веќе презедоа чекори за привремено или трајно враќање на артефакти, вклучувајќи ги бронзите од Бенин, златото од Ашанти и предметите свети за Етиопската православна црква.
И Кир Стармер, како и британските премиери пред него, ги отфрлаат барањата за репарации. Африка и Карибите се надеваа дека лабуристите ќе бидат поотворени за плаќање. И Франција одбива да плати. Некои карипски земји се обидоа да ја променат тактиката и да бараат репарации од институции. Во јуни Јамајка објави план да го повика кралот Чарлс да посредува за решавање на проблемот. Гренада побара отштета од Банката на Англија, поради директна вмешаност во трговијата со робови, вклучително и поседување плантажа на островот.
******
Види и: Британија ќе мора вистински да плати за трговијата со робови