44 кражби не се „доволно екстремни“ за депортација од Британија

Наместо да биде депортиран, албански мигрант со дебело криминално досие доби право да остане во Британија. Трибунал оценил дека речиси 50 пресуди за грабеж и провали „не се доволно екстремни дела што би ја револтирале британската јавност“. Може само да се нагаѓа каде е границата за „екстремно“. 100? 200? Згрозени од вакви пресуди, и власта и опозицијата бараат итни реформи.

Министерството за внатрешни работи наредило депортација на осудуваниот албански мигрант Зенел Беши, за кого оценило дека е „вистинска, активна и доволно сериозна закана“ за Британија. Но, судијка од Вишиот имиграциски трибунал утврдила дека неговите криминални дела не се од „екстремен карактер што би предизвикал длабока одвратност од јавноста“ и му дозволила да остане.

Време е овие судии да почнат да даваат приоритет на заштитата на британските граѓани што ги почитуваат законите. Странските криминалци, без разлика каде го извршиле кривичното дело, треба да бидат вратени во нивната земја „без ако, без но“, оцени министерот за внатрешни работи во сенка, Крис Филп.

Поради случаи како овој на Беши министерката за внатрешни работи Ивет Купер бара промена на законот за азил, за да им се оневозможи на сите мигранти да останат во Британија врз основа на жалба дека им се прекршени човековите права. Таа бара одредба што би ги обврзала судиите да ѝ даваат приоритет на јавната безбедност пред да донесат одлука. 

Беши пристигнал во Британија во август 2020 година, три години откако бил осуден на шест години затвор во Торино за грабеж и за 44 разни обвиненија за провали и кражби. При доаѓањето во Британија, тој не открил дека бил осудуван. Аплицирал за карта за престој во Европската економска зона, тврдејќи дека е сопруг на државјанин на ЕЕА, а потоа и врз основа на Програмата за населување на ЕУ. Министерството за внатрешни работи сепак решило да го депортира.

Првостепениот трибунал ја усвоил неговата жалба, врз основа на мислење на психолог дека „не е сериозна закана за општеството“ и дека „има низок ризик за повторување на прекршоците“. На реакцијата од Министерството дека тој ги криел претходните дела, судијката Лиони Хирст од второстепениот трибунал оценила дека „тоа не е многу релевантно“ и дозволила провалникот да остане.

Министерството разгледува дали има други правни можности да ја оспори одлуката.

Странските државјани кои вршат криминал не треба да се сомневаат дека ќе направиме сè за да се осигураме дека нема да бидат слободни на британските улици, изјави портпарол на Министерството за внатрешни работи. 

Во Британија годишно има по околу 270.000 пријави за провали во домови. Во едвај секој 25-ти случај провалникот е фатен и обвинет, а секое осмо семејство што било жртва на грабеж се отселило поради траумата.

1 јули 2025 - 14:38