Канаѓанецот Виктор Брајс е осуден условно на 12 месеци затвор и 40 часа општествено корисна работа затоа што во април годинава, во знак на протест си ги залепи рацете за врата од една банка.
Брајс е еко-активист за зачувување на природата во областа Ветсуветен и неговиот протест се однесувал на најавите за изградба на нафтовод кој би поминувал низ таа територија на северот на Британска Колумбија. Луѓето таму се нешто слично на наши Вевчанци; горделиво држат до себе и своите огништа и многу-многу не ја мирисаат канадската држава.
„Заради некои бесрамни корпоративни директори на кои ни лицето не им го знаеме, суверените територии на Ветсуветен се соочуваат со разорен терацид. Мирно но жестоко ќе се спротивставиме на канадската колонијална парадигма која ги фаворизира корпоративните интереси на штета на нашето суверено право на самоопределување,“ декламирал Брајс, само-залепен за рачките на вратата на банка во градот Нанаимо.
На пресудената казна, судот му залепил еден услов: во периодот во кој му тече условната казна, Брајс „не смее да поседува лепак, супер лепак, адхезивно средство или смола надвор од станот во кој живее“. Освен со дозвола од неговиот офицер за условното.
Назад кон насловот.