Меѓу 4 и 6 проценти од популацијата на Белгија се муслимани, претежно имигранти од Тунис, Мароко, Турција и Алжир. И покрај децении миграција, на Белгијците тешко им оди помирувањето со дојденците. Чувствата се исти и во спротивен правец.
Така, партијата која предложи депортирање на муслиманските имигранти кои нема да се откажат од верата, на регионалните избори во одредени единици успеа да добие и 20% од гласовите. Во исто време официјалните анкети покажуваат дека само една третина од младите муслимани се чувствуваат прифатени од општеството.
Ова второво е проблем затоа што на ниво на заедници белгиските муслимани се двојат и живеат во затворени социјални кругови, кои пак се поволни за развивање на екстремистички идеологии.
Во своја одбрана, Белгијците објаснуваат дека само мал број од белгиските џихадисти може да се квалификуваат како радикални муслимани во периодот кога ја напуштаат земјата, и дека преобразбата им се случува кога ќе заминат во конфликтните зони.
Тие на своја сметка признаваат и дека белгиската влада има многу малку направено во врска со невработеноста, дискриминацијата и економските проблеми на исламската заедница.
Проблемот во кој што се наоѓа белгиската (а и речиси секоја друга западна влада) е дека ако дејствуваат на начин на кој ќе ја осигураат довербата на домородното население (во овој случај Белгијците), тогаш ризикуваат да го отуѓат коректното муслиманско малцинство. Од друга страна ако се обидат да имаат поголемо разбирање со цел хармонија меѓу двете заедници, тогаш овие постапки одат во корист на радикалната десница која е секогаш анти-муслимански и анти-имигрантски расположена.