Во говорот во Париз пред претставниците на ЕУ, Сорос појаснува дека работите за ЕУ тргнале на лошо со „фискалните ограничувања“ по финансиската криза од 2008, „кои ја претвориле некогашната алијансата на еднакви нации во унија на кредитори и должници“. Последица на ова е раст на популизмот (Германија, Франција, Италија, Холандија...), кој само експлодира по погрешното справување со бегалската криза во 2015.
Дополнителен проблем во целата работа е човекот од преку Атлантикот „кој со уништување на транс-атлантскиот сојуз“ извршил дополнителен притисок врз Европа по настани како брегзит и политичката нестабилност во клучни нации на Унијата, вклучувајќи ја Италија.
Во ваква ситуација Сорос навива за помала ЕУ и поексклузивна ЕУ.
„За Сорос сето ова доведува до ’егзистенцијална криза’ која би требало да ја натера Европа ’повторно да се осмисли себе си’ како поограничена, а ла карт асоцијација во која ’држави како Британија би сакале да се приклучат,“ пишува Леонид Бершидски во текстот за Блумберг.
Наспроти апокалиптичните тврдења на Сорос е ЦЕО-то на Морган Стенли, Џејмс Горман, според кого политичките проблеми во земји како Италија и Шпанија „не се ништо повеќе од дневни вести“ и тековната борба меѓу популистите и меинстрим либералите „не се голема пречка за економскиот раст, кој продолжува во Европа како и во остатокот од светот.“
„Не реагираш на 24-часовните вести - како инвеститор не реагираш на вакви работи,“ објаснува Горман.
Процената на Бершидски е дека има два спротивставени начини на кои можеш да одговориш на предизвиците (брегзит, анти-ЕУ партии на власт во Италија, мигранти, ширење или не...):
„Едниот е практикување на она што Американците го нарекуваат ’лидерство’, или делување брзо и одлучно. Другиот да се препознае кога енергичен одговор не е на место и може да биде дури и контрапродуктивен.“
Како пример за ова второто тој го дава случајот со финансиската криза во Грција, кога ЕУ наместо да покаже „лидерство“ и да ги отпише долговите на Грција што би довело до евентуално излегување на земјата од евро-зоната, тие го избираат подолгиот пат „внимателно да ја ре-едуцираат грчката влада за реалноста на управување со држава која е банкротирана и во големи долгови. И овој пристап генерално успеа.“
Долгорочно, Бершидски ни најмалку не е загрижен околу ЕУ, која според него ќе постои и кога Белата куќа ќе има друг станар што ќе биде попријателски настроен кон сојузниците, и кога новајлиите во италијанската влада ќе разберат дека сепак ЕУ не е за фрлање.
„До сега, и покрај бавното и честопати несмасно движење, европскиот проект нема ниту една вистинска пречка опасна по живот. Дури и брегзит не е такво нешто: Британија на прво место воопшто не ни беше ентузијастички член на ЕУ,“ пишува Бершидски.