Зошто нема да прочитате уште една сторија околу Сирија

Војната во Сирија почна со протести за менување на власта, па работите се влошија и се отвори воен фронт меѓу власта и опозицијата, па се појави ИСИС и работите станаа ужасни, па по седум години војна нема кој нема што не се вклучи, а ситуацијата, видеата и сликите од терен не се ништо помалку ужасни, само веќе никој не обрнува внимание, ниту пак се шокира.

Анализа на Базфид њуз покажува дека бројот на споделувања на Фејсбук, Твитер и останатите социјални мрежи, на најчитаните стории за Сирија во изминатите 2 месеца се на една десетина од она што го добиваа пред нешто повеќе од една година.

22-годишниот Нур Адам веќе 5 години преку видеа и фотографии на Твитер, известува за опсадата на Источна Гута, и тој самиот ја забележува разликата од последнава година:

„Работам колку можам повеќе и објавувам видеа, ама на никого не му е гајле. Не знам што да кажам. Тие само ќе ја видат статијата и репортажата, и ќе речат ’ох тоа е стварно тажно’, ќе го изгасат интернетот и ќе си продолжат со својот живот.“

Сличен впечаток има и Етар Ел-Кататни, која работи како извршен продуцент на американската АЈ+ и чија задача од 2011 е да собере што е можно повеќе материјали од интернет за да ја пренесе приказната и случувањата од Сирија:

„Сите снимки што ги гледам денес изгледаат исто како и снимките од пред една година, ја имаат истата прашина, истата крв, врескање, болнички соби и болнички патоси. Ама тоа стана нормализирано.“

Во целиот бес што од ужасот кој се случува во Сирија, што од незаинтересираноста на нејзините колеги, Ел-Кататни на Твитер пишува:

Нејзиното објаснување е дека медиумите „го имаат достигнато максимумот за шокирање на луѓето“:

„Од вир со крв, и дете што умира, сега луѓето наидуваат на отсечени екстремитети, или сечење глава. Мислам дека нема нешто што би можеле да прикажеме што ќе шокира кого било, без разлика што е тоа.“

Анализата на социјалните медиуми и присуството на Сирија на нив, покажува дека 4-те најчитани стории на оваа тема во последните два месеца од 2016, кога сириските власти го освоија Алепо, во просек биле споделени по околу 300.000 пати. Најчитаната имала над 500.000 споделувања.

Во јануари и февруари годинава најчитаниот текст за битките околу Источна Гута, на Би-би-си, бил споделен само 42.000 пати.

Научното објаснување на целата работа е дека луѓето покажуваат помалку интерес за Сирија затоа што човечкиот мозок е неспособен да се справува со долготрајни катастрофи.

„Нашиот мозок еволуирал да одговори многу брзо на информации кои се пред нас, кои ни биле неопходни да реагираме за да преживееме. Тој систем на брзо размислување преку чувства не расте пропорционално.

Со други зборови, ако видиш еден човек кој е во опасност или е убиен, се чувствуваш многу лошо. Ако видиш и втор човек во иста ситуација ти не се чувствуваш два пати полошо. Во оваа ситуација еден плус еден е помалку од два.

Ние стануваме помалку чувствителни на фотографии кои се повторуваат, исто како што стануваме помалку чувствителни на се поголем број жртви,“ објаснува Пол Словик од Универзитетот на Орегон, кој истражува зошто јавноста не реагира на масовни трагедии.

Од 15-ти март 2011, кој се води како официјален почеток на војната во Сирија убиени се над половина милион луѓе, 5 милиони се избегани од земјата, а 6 милиони се внатрешно раселени.

Без разлика на сите промени и случувања на терен, Ел-Кататни објаснува дека за најголемиот дел од светската публика во Сирија цело време ситуацијата е иста како што била пред 7 години.

„Ја гледаш секој ден, и таа никогаш не престанува, никогаш не се менува. Само има заситување.

Се чувствувам како ова да трае со години и години, и имам милиони луѓе што се сведоци, ама сè останува исто.

На кој уште начин можеме да ја покриваме Сирија што го немаме направено илјадници пати претходно, без разлика дали е со снимка или со текст? И понекогаш не ни успева, а понекогаш стварно нема како поинаку,“ објаснува Ел-Кататни.