Во 1899-та, двајца адвокати одат на состанок со претседателот на Кока-кола. Во тоа време пијалакот се продавал само на точење, ама адвокатите сакале да почнат да го продаваат и во шише.
Претседателот на компанијата не верувал дека шишето на кој било начин ќе успее, па се согласува да им ги даде правата на адвокатите, со тоа што тие ќе мораат да го купуваат сирупот од него. Според договорите, адвокатите ќе можат да го купуваат сирупот по фиксна цена. Засекогаш.
Од денешна гледна точка, економистите тврдат дека претседателот се согласил на ова - прво, затоа што не верувал дека тие ќе успеат и второ, затоа што само сакал тие да му се чистат од канцеларија.
Како и да е, пијалакот во шишиња станал хит, а Кока-кола се нашла во тесно. Проблемот бил што ако продавачите на Кока-кола во шишиња решат да ја кренат цената, компанијата нема да добие ништо од разликата во пари.
Ова значело дека Кока-кола некако морала да ја задржи цената на пијалакот на 5 центи, за да може колку е можно повеќе да им продава сируп на адвокатите.
Решението било во рекламирање. Кока-кола ја послала целата нација со реклами дека шише Кока-кола чини 5 центи. Компанијата не можела на никого да му нареди да продава по 5 центи, ама кога ќе ставиш џиновска реклама на ѕидот до некоја продавница, на која пишува дека Кока-кола е 5 центи, продавачот и немал некој избор.
"Бидејќи на сите им бил испран мозокот - рекламите биле насекаде - било тешко за кого било да ја зголеми цената," објаснува професорот по економија на Емори Универзитетот во Атланта, Даниел Леви.
Договорот со адвокатите со тек на време повторно бил преговаран во корист на Кока-кола, но цената и понатаму останала 5 центи. Сега причина за ова биле - автоматите за продавање на Кока-кола.
Сите машини на Кока-кола биле направени да примаат само една паричка - 5 центи. Од компанијата почнале да размислуваат за машини кои примаат монети од 10 центи, ама сметале дека тоа е премногу висока цена за пијалакот.
Тие дури побарале од американските власти да изработат паричка од 7,5 центи. Тогашниот претседател на Кока-кола имал средба со претседателот Ајзенхауер на истата тема, ама без успех.
На крај инфлацијата ја убива Кока-колата од 5 центи. Последната е продадена во 1959-та.