Жени во миничи не стануваат бомбаши-самоубијци

Прво владата на Киргистан почна со кампања за разубедување на жените од носење муслиманска облека, а кога дел од муслиманите во земјата (кои сочинуваат 80% од населението) се крена против кампањата, претседателот Атамбајев порача - покажете ми жена-самоубиец во минисукња.

Во кампањата на билборди беа објавени фотографии на кои од едната страна беа жени во традиционална киргистанска номадска облека, а на другата жени во бурки и никаб. На фотографиите е испишано „Кутри луѓе! Каде одиме?“

„Кога ги поставувавме билбордите, имаше некои паметни луѓе кои ги посочија минисукњите. Нашите жени носат минисукњи уште од 50-те, и никогаш не ни помислиле да стават самоубиствен појас.

Оставете ги да носат и миниздолништа, ама не смее да има експлозии.

Терористите се луди луѓе. Облеката некогаш може да предомисли човек. Кога бевме во потрага по затвореници што имаа избегано, Мелис Турганбајев (поранешниот министер за внатрешни работи) дојде кај мене и рече дека тие ги прислушуваат разговорите на сопругите и љубовниците на криминалците. Сопругите и љубовниците носеа вреќи на глава и сакаа да се организираат самоубиствени напади.

Ако не ти се допаѓа Киргистан, можеш да си одиш од земјава и да правиш што сакаш. Ние ќе ти ги платиме патните трошоци, дури и до Сирија“, порачал претседателот.

Во 2014-та, Атамбајев пред киргистанскиот Совет за безбедност изјави дека земјата нема проблем со конзервативната облека или со муслиманските традиции, туку со „арабизацијата на општеството и лишувањето на киргистанската нација од сопствениот јазик и традиции“.

13 август 2016 - 16:34